Земјите од Европската унија предложија создавање доброволен фонд од 20 до 40 милијарди евра за давање воена помош на Киев со цел да се заобиколи можното вето на Унгарија на идните предлози на ЕУ за Украина, пишува весникот „Еуроактив“ повикувајќи се на документ до кој имал пристап.
Од документот произлегува дека лидерите на ЕУ прво треба да се договорат за доделување пет милијарди евра за набавка на два милиони артилериски гранати со голем калибар.
Други приоритетни области ќе бидат системи за противвоздушна одбрана, ракети, беспилотни летала, борбени авиони, одржување на воена опрема и „несмртоносна поддршка“. На списокот се најде и „придонесот на земјите-членки во безбедносните гаранции за Украина“, без да се наведат никакви детали.
Во исто време, секоја земја ќе учествува во активностите на фондот во согласност со нејзината „економска состојба“.



