ЕУ покажа дека е посветена на проширувањето


„Во овој навистина тежок геополитички момент за Европа, кога се води војна во Украина, ова е многу јасен сигнал дека иднината на Западен Балкан и на сите земји од регионот е во ЕУ“, изјави премиерот Димитар Ковачевски по Самитот Западен Балкан – ЕУ, во Тирана.

Премиерот посочи дека на Самитот се разговарало многу отворено на најважните теми, особено за енергетската криза и справувањето со неа, а, како што истакна, повторно биле искажани сите заложби на ЕУ за брза помош за Западен Балкан преку фондовите кои се на располагање.

„Тоа значи дека ние во јануари веќе ќе имаме пристап до 80 милиони евра кои беа одобрени за справување со енергетската криза, меѓутоа и за инфраструктурните проекти за енергетска транзиција и за енергетска класификација“, рече Ковачевски.

Тој информира дека на состанокот со претседателката на Европската банка за обнова и развој разговарале за конкретните проекти за поврзување со интерконектори со Грција и со Бугарија, дополнителни два интерконектори, како и за довршување на другите гасоводи кои се наоѓаат на територијата на нашата држава.

„Разговаравме и за тоа што земјите кандидатки за членство во ЕУ го имаат кај себе да го завршат, тука особено разговаравме за владеењето на правото и за борбата против корупцијата. На агендата на нашата Влада многу високо е владеењето на правото и борбата против корупцијата и дури и овие денови тоа е главна тема што ги окупира нашите медиуми, меѓутоа и нашите политички институции“, рече Ковачевски, кој соопшти дека веќе и на ниво на коалициски партнери разговарале за, за прв пат, донесување на закон за ветинг во државата.

„Јас за тоа разговарав и тука со највисоките претставници на ЕУ и многу скоро ќе се најде законско решение пред пратениците во Собранието, за спроведување на постапка за оценување на постојните и на идните носители на функции во однос на нивниот интегритет во насока да се намали можноста за каква било нефункционалност на оние кои ќе бидат поставени на позиции, а тука пред се мислам на намалување на корупцијата, криминалот и подобрување на управувањето со институциите“, рече Ковачевски.

Според Ковачевски, одржувањето на ваков Самит во соседна Албанија само ја потврдува посветеноста на ЕУ кон проширувањето.

Извор: МИА

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: