Животот во Белгија постепено се враќа во нормала

Од денеска во Белгија учениците можат повторно да се вратат во училиште, се отвораат фризерски салони, музеи, зоолошки градини, помали пазари на отворено, а спортските клубови започнуваат со тренинзи.
Сето ова е дел од „втората фаза“ на отворањето на земјата по ограничувањата воведени во средината на март поради пандемијата на Ковид-19.
Белгискиот центар за јавно здравје наведува дека постепеното укинување на рестриктивните мерки, покрај одржувањето на мерките на физичка оддалеченост и заштита, довело до тоа, граѓаните да се повеќе во контакт едни со други, што го зголемува ризикот од повторно ширење на новиот коронавирус.


– Резултатите ќе ги имаме за неколку дена. Постои ризик за втор бран, но не мора да значи дека ќе има, изјави вирологот Стивен ван Гут и додаде дека бројот на починати лица од Ковид-19 во последните недели е опаднат за осум проценти дневно, а бројот на новозаразени за седум проценти.
Од белгискиот Центар за јавно здравје ги повикуваат граѓаните да го искористат намалувањето на рестриктивните мерки и убавото време и да поминат што е можно повеќе време надвор.
– Сега има можност повторно да се вежба надвор, што е добро и за телото и за менталното здравје, истакнаа белгиските експерти
За 8 јуни е најавена нова фаза на олеснување на рестриктивните мерки во Белгија, кога се очекува понатамошно отворање на земјата во однос на спортски натпревари и туризам, додека ресторани, кафулиња, како и големи културни и спортски настани, остануваат затворени и забранети.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.