„Затворските ѕидови земаат животи пред вистината да излезе на виделина“: Сопругата на Игор Југ изрази сочувство за смртта на Кире Ѓорѓиевски

Ивана Југ, сопругата на починатиот Игор Југ кој беше осуден за настаните во Собранието на 27 април, денеска упати емотивна порака на социјалните мрежи по веста за смртта на Кире Ѓорѓиевски, уште еден од осудените во истиот предмет, кој почина во штипскиот затвор. Таа напиша дека и нејзиниот сопруг Игор не ја дочекал правдата и заминал „со вера дека еден ден вистината ќе победи“.

„Со длабока болка и искрено сочувство. Ноќеска не напушти Кире — уште еден од осудените во истото политичко дело во кое беше осуден и мојот сопруг. Судбината, за жал, повторно ја отвори раната. Истата приказна, истата неправда, истата тишина зад затворските ѕидови што зема животи пред вистината да излезе на виделина,“ напиша таа.

„Сега, кога слушам дека и Кире го заврши својот живот во истите околности, срцето ми се кине — затоа што знам што значи тоа. Знам што значи да изгубиш човек зад решетки, во тишина, без правда, без мир,“ вели сопругата на Игор Југ.

Југ упати најдлабоко сочувство до семејството на Ѓорѓиевски:

„Нека Господ им даде сила да издржат во овие тешки моменти, како што секој ден ние се бориме да го носиме споменот за нашите најмили. Нека почива во мир, а вистината нека најде пат до светлината. Зашто вистината не умира — само чека некој да ја чуе. Почивај во мир, Кире! Во вечен спомен на Игор — и на сите кои неправдата ги одзеде предвреме.“

Пронајдете не на следниве мрежи: