ИВИЦА ДАЧИЌ ДА БИДЕ НОВ ПРЕМИЕР НА СРБИЈА

Премиерката Ана Брнабиќ со денови вели дека е подготвена да поднесе оставка, а доколку тоа навистина се случи, во игра за нејзин наследник е министерот за надворешни работи и лидер на СПС Ивица Дачиќ, дознава Нова.рс.

Дали ќе биде така можеби ќе дознаеме вечерва кога на јавноста ќе и се обратат српскиот претседател Александар Вучиќ и Ана Брнабиќ.
Вучиќ и Дачиќ вчера имаа средба која претседателот на СПС ја оцени како „многу добра“. Информацијата за таа средба и двајцата ја споделија на Инстаграм.

„Националното единство и политичката стабилност се најважните национални и државни интереси. Многу добар разговор со претседателот Александар Вучиќ“, напиша Дачиќ на Инстаграм.
Вучиќ изјави дека имал разговор со лидерот на СПС „за иднината на Србија, заедничките планови, програми и мерки“.

„Утре вечер ќе презентираме дел од она на што напорно работиме со недели“, изјави тој.
Не е исклучено владејачкото мнозинство да одлучува за вонредни избори, но според информации на Нова.рс, во моментов пореална опција е реконструкција на Владата.

Се шпекулира и дека доаѓањето на Дачиќ на чело на Владата би послужило како добар аргумент за приклучување кон „Движењето за народот и државата“ на Вучиќ, бидејќи дел од социјалистите се против приклучување кон таа организација.
Инаку, претходно беше најавено дека претседателот на Србија во четврток ќе присуствува на седницата на Владата на која ќе се донесат „многу важни, стратешки одлуки кои ќе ја одредат иднината на државата“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.