Изборот на Зеленски за личност на годината е рефлексија на паневропската русофобија


Одлуката на американскиот магазин „Тајм“ да го избере украинскиот претседател Володимир Зеленски за личност на 2022 година е одраз на севкупната русофобија во Европа, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков, сепак, посочи дека „Тајм“ има свои критериуми и без оглед дали тој се согласува или не се согласува со нив, тоа е нивна уредувачка политика.

„Меѓутоа, во овој случај, уредувачките насоки на списанието остануваат во границите на паневропскиот мејнстрим, кој е целосно кратковиден и жестоко антируски“, подвлече Песков.

„Тајм“, за личност на годината, Зеленски го прогласи во пакет со „духот на Украина“. Магазинот избира личност на годината уште од 1927 година, кога таквата титула му беше доделена на американскиот пилот Чарлс Линдберг, кој го направи првиот самостоен лет преку Атлантикот.

Минатата година, личност на годината на „Тајм“ беше милијардерот Илон Маск.

Повеќе од 70 пати личност на годината биле политички и јавни личности, меѓу кои Махатма Ганди (1930), Винстон Черчил (1940, 1949), Елизабета Втора (1952), Шарл де Гол (1958), Мартин Лутер Кинг (1963), Хенри Кисинџер (1972), Денг Ксијаопинг (1978, 1985), Ајатолахот Хомеини (1979), Лех Валенса (1981), папа Јован Павле Втори (1994), папата Франциск (2013) и Ангела Меркел (2015). Титулата ја добија сите претседатели на САД, почнувајќи од Френклин Рузвелт, освен Џералд Форд. Рузвелт е единствениот кој ја добил оваа титула три пати: во 1932, 1934 и 1941 година.

Меѓу носителите на титулата беа и пет лидери на СССР и Русија: Јосиф Сталин (1939, 1942), Никита Хрушчов (1957), Јуриј Андропов (1983, заедно со американскиот претседател Роналд Реган), Михаил Горбачов (1987, 1989) и Владимир Путин (2007).

Прогласувањето на Зеленски за личност на годината од страна на магазинот „Тајм“ се случи само неколку дена откако тоа го направи и британскиот весник „Фајненшл Тајмс“. Според лондонската редакција, Зеленски е основоположник на нови стандарди во демократскиот свет и предводник на борба која може да го дефинира текот на овој век.

Извор: МИА

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: