Изгласан ребалансот на град Скопје – буџетот поголем за еден милион евра – нов мост и кружен тек кај Сарај

Советот на Град Скопје го изгласа новиот ребаланс на буџетот, со кој се обезбедуваат дополнителни средства за капитални проекти, поддршка за граѓаните и справување со обврските на Градот и јавните претпријатија.

Според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, со ребалансот буџетот се зголемува за 61,76 милиони денари, со што основниот буџет на Град Скопје достигнува 5.324.649.755 денари.

Еден од позначајните нови проекти е изградба на мост и улица што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај, со што треба да се создаде нов влез во Скопје. За проектот во Развојната програма се предвидени 420 милиони денари.

Со ребалансот се обезбедуваат и 61 милион денари за Европската престолнина на културата – Скопје 2028, дополнителни средства за онколошките пациенти, како и 25 милиони денари за реконструкција на помали улици во скопските општини.

Предвидени се и 10 милиони денари за чистење на депониите, како и средства за нови клупи и столчиња, ИТ-опрема, училишни кабинети, игралишта и фитнес-зони. Најавени се и средства за ски-викенд за средношколците.

Ѓорѓиевски посочи дека паралелно со зголемувањето на буџетот се намалуваат и обврските на Градот. Според неговата објава, заклучно со 27 август, вкупните обврски на Град Скопје, јавните претпријатија, културните установи и средните училишта се намалени за 60,2 милиони евра.

Кај јавните претпријатија најголемо намалување на обврските има кај „Водовод и канализација“, каде што тие се намалени за 1,66 милијарди денари, додека кај ЈСП „Скопје“ намалувањето изнесува 634,9 милиони денари, а кај „Комунална хигиена“ 122 милиони денари.

Градоначалникот наведува и дека дел од културните установи целосно се раздолжени, додека кај други обврските значително се намалени.

Според Ѓорѓиевски, капиталната реализација во вториот квартал достигнала 706,3 милиони денари, што, како што тврди, е повеќе од вкупната реализација во првите три квартали во првите години од мандатите на Петре Шилегов и Данела Арсовска, земени заедно.

Тој најавува дека Градот ќе продолжи со инвестиции и со намалување на наследените обврски, без создавање нови долгови.

Пронајдете не на следниве мрежи: