Израел купува 25 авиони Ф-35 од Америка



Испораката се очекува да започне во 2028 година, со три до пет авиони годишно. Авионите ќе го чинат Израел околу три милијарди долари

Израел ќе купи 25 американски борбени авиони Ф-35, потврди денеска израелското Министерство за одбрана.

Министерството соопшти дека тоа е трета ескадрила борбени авиони „Локхид Мартин“ кои се интегрирани во израелските вооружени сили. Израелските воздухопловни сили ќе имаат на располагање 75 од овие „невидливи“ авиони.

Потпирање на САД

Испораката се очекува да започне во 2028 година, со три до пет авиони годишно. Авионите ќе го чинат Израел околу три милијарди долари.

Министерот за одбрана Јоав Галант, рече дека набавката на третата ескадрила од авиони Ф-35 „ја одразува силата на стратешкото партнерство меѓу Израел и САД“.

По жестокото уништување на Појасот Газа, на меѓународно ниво се одржуваат редовни протести против испораките на американско оружје за Израел. Минатиот месец американскиот претседател Џо Бајден се закани дека ќе ја прекине испораката на некои видови оружје доколку Израел ги нападне густо населените урбани центри во Рафах во јужниот дел на Појасот Газа.

Од почетокот на војната во Газа, израелските вооружени сили во голема мера се потпираат на американското оружје, објави порталот „Аксиос“.

Во писмото до американската влада, Галант вети дека американското оружје ќе се користи во согласност со меѓународното право.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: