Пред Велигден инфлацијата вивна на скоро 5 отсто, за мерки ќе се чека да помине празникот
Индексот на трошоците на животот во март 2026 година во однос на март 2025 година бележи зголемување од 4,9 проценти, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3,4 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.
Во март 2026 година, во однос на февруари 2026 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: транспорт за 3,4 проценти, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 3,2 проценти, покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата за 0,6 проценти, рекреација, спорт и култура за 0,5 проценти, услуги за образование, лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги, храна и безалкохолни пијалаци за 0,4 проценти, облека и обувки за 0,3 проценти, домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, информации и комуникации за 0,2 проценти, здравствена заштита, ресторани и услуги за сместување за 0,1 проценти.
Трошоците на животот во групата осигурување и финансиски услуги, остануваат на исто ниво како и во претходниот месец. Индексот на цените на мало во март 2026 година во однос на февруари 2026 година изнесува 100.9.
Кај цените на мало пак има зголемување од 3, 4 отсто. За евентуални мерки против скапотијата, владата ќе чека да помине Велигден.
Од извештајот на статистичарите може да се види дека за една година храната и пијалаците поскапеле за 7, 5 отсто.
Од храната најмногу на удар е овошјето. Цените тука се зголемиле за 12, 7 отсто, кај млекото и јајцата за над 8 проценти. Поскапување од 7 отсто се забележува и кај маслото и мастите и кај житата и житните производи . Во оваа категорија влегува лебот.
Кај кафето пак има поскапување од над 25 отсто, а голем скок на цените е регистриран и кај какаото, чајот и шеќерот, но станува збор за берзански производи. Од ССМ велат дека државата до сега требала да донесе мерки. Бараат тоа да се случи веднаш за да се заштитат потрошувачите.
Премиерот Мицкоски пак најави таргетирани мерки, но за се тоа по Велигден.
Во изјава за медиумите, Мицкоски рече дека одлуките треба да се носат паметно и мудро.
– Врз основа на нашите пресметки очекуваме инфлацијата да се движи меѓу четири и пол и пет проценти во март. Ќе имаме засилување. Тоа засилување беше видливо во втората половина од март. Ќе правиме анализи и се разбира дека ќе донесеме одлука како и што понатаму ќе правиме, рече Мицкоски.


