Без прес-конференција и со објава од две реченици на Мицкоски на Фејсбук Македонија помина престојот на министерот Јохан Вадефул на Скопје, кој е во турнеја по Западен Балкан и секаде со голема медиумска помпа, изјави и пораки од ЕУ и за ЕУ проширувањето и стабилноста на регионот.
Христијан Мицкоски и Јохан Вадефул
Една објава на Фејсбук од неколку реченици и штуро соопштение на МНР е сѐ што досега дозна македонската јавност за посетата на германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, на Македонија и неговите разговори со премиерот Христијан Мицкоски и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски. Двете реченици на Мицкоски на неговиот Фејсбук профил се целосно празни:
„Денеска остварив средба со германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул. Разговаравме за продлабочување на соработката меѓу двете земји, тековните регионални предизвици и можностите за нови заеднички иницијативи“.
Нема податок ни каде се сретнале, затоа што фотографијата од средбата е само една празна соба. Нема информација ниту што рекол и каква порака донел гостинот, добра или лоша за Македонија. Симптоматично е што во истиот ден кога Јохан Вадефул беше во Скопје германскиот државен министер за Европа, Гинтер Крихбаум, беше во Софија на политички разговори.
Ројтерс: Виткоф од Белград и Скопје утре ќе се придружи на разговорите со Зеленски во Турција
Вадефул е на регионална турнеја и во три дена ги посети сите земји од Западен Балкан кои се и кандидати за членство во ЕУ. пред неговата турнеја тој објави дека „за иднината во ЕУ, многумина се подготвени да спроведат далекусежни реформи. Секој што сака да стане дел од оваа заедница на правото и оваа економска област мора да преземе одговорност – дури и ако тоа бара тешки чекори. За владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштитата на основните права не може да се преговара. Нашите сојузници во НАТО, Црна Гора и Албанија, особено, неодамна постигнаа значителен напредок; другите земји сè уште имаат да поминат значителен пат“.
Контроверзно е тоа дека само во Скопје Вадефул и неговиот домаќин, Муцунски (или Мицкоски) не одржа прес-конференција. Дали неодржувањето на прес-конференција било на барање на македонската страна или заеднички донесена одлука не е јасно, ниту некој дава какво било објаснување.


