Сигурно ви се има случено поради менструални болки да го пропуштите вашиот тренинг. Иако на некои жени не им пречи менструалниот циклус ни во вежбањето ни во извршувањето на секојдневните обврски, некои жени едноставно не можат да функционираат нормално поради болките што ги чувствуваат.
Како да го приспособите вежбањето според менструалниот циклус?
Постојат различни фази на менструалниот циклус и во сите нив се случуваат многу промени, па за да не пропуштите тренинг откако ќе почнете да ги забележувате долгоочекуваните резултатите, следете ги овие совети за да го приспособите вежбањето според менструалниот циклус.
Во која фаза на циклусот сте зависи од хормоналните промени т.е. од нивото на естроген и на прогестерон во организмот кои влијаат и на расположението и на енергијата. Циклусот не трае точно 28 дена кај сите жени, па затоа е важно да водите сметка како се чувствувате во секоја фаза од циклусот, а фитнес-тренерот Клер Бејкер открива како да тренирате во секоја фаза.
Менструација: Првите 5 дена
За време на менструацијата, најдобро е да вежбате јога, пилатес, вежби за истегнување, медитација, пешачење и кардио-тренинг со мал интензитет (како што е возењето велосипед).
За време на менструацијата, нивото на хормоните е најниско, така што може да се чувствувате поспано и да немате многу енергија. Затоа, лесните вежби, истегнувањете и пешачењето се одличен избор за да ги намалите болките и непријатноста.
Пред овулација: Од 6-тиот до 12-тиот ден
Овој период е најдобар за кружен тренинг, бокс, часови по аеробик, зумба и бикрам јога.
Како што менструацијата се приближува кон крајот, така се зголемува нивото на енергија, но се зголемува и нивото на серотонин и на естроген. Не само што ќе имате повеќе енергија, туку се зголемува и вашата способност за градење мускули, па затоа овој период е одличен за тренинг за сила.
Овулација и фазата по овулација: Од 13-тиот до 20-тиот ден
Во овој период, најдобро е да одите во теретана, на групен тренинг, да вежбате некој тимски спорт, да трчате или да правите вежби за отпор.
Комбинацијата на естроген и тестостерон во организмот за време на овулацијата ви дава поголема мотивација и повеќе енергија за вежбање, па затоа е добро да вежбате во група, за дополнителна инспирација. По овулацијата, нивото на естрогенот се намалува, а нивото на прогестерон се зголемува, така што се намалуваат мотивацијата и енергијата.
Обрнете внимание кога ќе го почувствувате овој пад којшто обично се случува околу 17-тиот ден кај жените чијшто циклус трае 28 дена.
Пред менструацијата: Од 22-риот до 28-миот ден
Периодот пред менструацијата е добар за тренинг за сила со употреба на телесната тежина, како што е аеробик во вода, активно истегнување, јога, веслање, пилатес и пливање.
Прогестеронот е доминантен хормон по овулацијата и дејствува малку смирувачки, така што веројатно нема да бидете расположени за некои тешки вежби.
Многу е веројатно дека нема да имате голема желба да вежбате една недела пред вашата менструација, но добро е да тренирате за да ги ублажите симптомите што следуваат.
Исто така, имајте на ум дека е добро да носите спортски градник, особено пред менструацијата бидејќи тој ја намалува болката во градите.