Ковачевски задоволен од променетите ставови во ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски не е против уставни измени

Премиерот Димитар Ковачевски е задоволен од лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со оглед на фактот што се променил ставот на лидерот на опозицијата.

Мицкоски му посочил на Ковачевски дека не е против влезот на Бугарите во Уставот, открива премиерот.

„Ставот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ од пред нивното партиско седиште е променет и различен од тоа што јас го слушнав на средбата и тоа што вие го слушнавте на прес-конференцијата, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата. Тоа е заеднички заклучок и клучна порака од средбата која ја имавме денеска. Вакви одлуки се на сите политички партии, целото општество, а ова не е процес на еден човек, една партија, една Влада“, рече Ковачевски.

Зборуваше и за придобивките од уставните измени, како и пораките од меѓународниот фактор.

„На состанокот се направи јасна дистинкција, дали ќе ја интегрираме државата во ЕУ или ќе ја оставиме изолирана. Сметам дека е добро дијалогот кој се води да продолжи, а да изградиме став дека за државата е најважно да ја интегрираме државата во ЕУ. Моја лична цел и заложба е овој процес на евроинтеграции да биде успешен. Ги имаме стратешките цели на државата во предвид. Ова е стратешка цел на нашите земји партнери, како во ЕУ и НАТО така и на нашиот најголем стратешки партнер САД. Уставните измени, вклучување на други делови од народи во Преамбулата се чекор напред на овој европски пат. На таков начин, со таков глас станавме и земја членка на НАТО. Сите сме горди и ги чувствуваме бенефитите“, додаде тој.

Мицкоски ова го потврди и во своето обраќање пред медиумите посочувајќи дека прифатил да учествува во широка коалиција со СДСМ и на уставни измени кои би се спровеле откако ќе влеземе во Европската Унија, а единствен услов кој го поставил Мицкоски е ДУИ да биде надвор од таа Влада.

„Разговаравме за предлози кои што ги даде Ковачевски, од кои би издвоил еден: тој предложи да во рамките на парламентот отпочне дискусија и се отвори, се изгласа потребата со 2/3 за промена на Уставот, а потоа да биде формирана Влада во која од десетте ресори кои ги менаџира СДСМ, пет да бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат завршени уставните измени, да отпочне процесот на преговори за кои пред една година не убедуваа дека е почнат, а потоа да бидат затворени 1,2,3 поглавја зависно од брзината, а таа Влада да оди на парламентарни избори. На оваа понуда беше даден одговор: во ред, ја разбирам понудата и за истата го имам следниот став. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Влада со СДСМ, но без учество на ДУИ во таа Влада“, кажа Мицкоски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.