Ковачевски: Штајнмајер го цитираше Конески – Има ли поголема потврда од тоа дека сме свои на своето

Политиката што ја спроведуваме ги брани интересите на нашиот народ и нашата земја, рече премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на партиската трибина на СДСМ која вечерва се одржа во Куманово. Тој рече дека земјата стекнува искрени пријателства од големи европски земји, кои, како што додава, ни се ветар во грб во процесот на евроинтеграциите на земјата.

-Вчера ни беше во посета претседателот на Сојузна Република Германија, во неговиот говор го спомна Блаже Конески, втемелувачот и еден од кодификаторите на современиот македонскиот литературен јазик, Пиреј на вечниот и незаменлив Петре М Андреевски… Има ли поголема потврда за тоа дека ние сме свои на своето. Тоа го признаа сите земји членки на ЕУ и секоја прилика ја користат истото да ни го повторат. Го обезбедивме македонскиот јазик во Европската унија, го заштитивме македонскиот идентитет еднаш засекогаш. Македонската црква е признаена. Стекнуваме нови пријателства и нови силни поддржувачи од големите европски земји, рече Ковачевски.

Според него, тоа се „придобивките од социјалдемократските политики, тоа е вистински патриотизам и влог во иднината“.

-Затоа ги носев тешките одлуки, за подобра иднина на младите, за подобар животен стандард, образование, здравство, за младите да ја градат својата иднина тука, во напредна и економски силна земја членка на ЕУ. Не беше лесно да се донесат одлуките. Но лидерството значи да се обезбеди иднината. Често зборувам јас за тоа тешко чувство кое верувам многумина го имале. Како со нож некој да ви го сече стомакот. Но, колку и да беше тешка одлуката за прифаќање на францускиот предлог како нож во стомак, повторно да е пред мене таа одлука повторно ќе ја донесам. Затоа што силно верувам дека европскиот пат е гарантор за нашата подобра иднина, кажа Ковачевски, додавајќи дека не смее да се дозволи европскиот пат да биде спречен од политичари кои не и мислат добро на земјата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.