Кога имате пари, ама немате стил

Се купува ли стилот со пари? Отворено прашање кое често отвора дискустии и вклучува не само естетски, туку и етички, социјален, културолошки, психолошки аспект…
Дури и кога ги имате сите материјални можности, недостатокот на стилски сенс лесно може да се забележи.
Затоа се тука модните професионалци и експерти кои може многу да помогнат во градењето на визуелниот имиџ на личноста, особено ако се работи за јавна личност или пак тоа го бара професионалната сфера каде што таа делува, но стилот не е само визуелната појава туку неговата структура е многу поделикатна и оди до подлабоки слоеви како лични манири, став, карактер, поглед на нештата…


Но, постои и една таква категорија која е убедена во квалитетот на својата естетска перцепција, па тешко прифаќа совети од професионалци, а крајниот резултат е очигледен невкус и покрај материјалната удобност.
Понатаму, темата може да се прошири и генерално колку вкус или невкус сервира актуелната модна и поп индустрија.

Тука проблемот настанува кога личноста сè уште е дезориентирана во модниот свет, односно лута и го нема пронајдено својот естетски израз, па трендовите ги прифаќа „здраво за готово”, што повторно може да резултира со, во најмала рака, несоодветни комбинации.
Од една страна, финансиите секако дека може да бидат исклучително значајна поткрепа во градењето на стилот, особено за оној кој што знае што сака да постигне, се познава себеси, своето тело, моќ, улога итн. Во тој случај парите нудат комфор, а тој што знае да ги искористи, може да постигне и беспрекорен ефект како позитивен пример, како материјалното може да придонесе за добриот изглед.


Но, во случај кога не знаете што со себе, односно кога имате нејасна модна перцепција, па на себе само го китите најскапото од излогот, тогаш тоа не е гаранција дека ќе го избегнете ефтиниот изглед.
Може да чини многу, ама во одредена ситуација или на одредена личност да изгледа ефтино. А постои и обратен случај, што секогаш е за поздрав – кога не чини многу, ама благодарение на изостреното стилско чувство и разбирањето на јазикот на модата, да остава впечаток на благороден, отмен, па дури и луксузен изглед.


Во многу наврати и примери кај светски јавни личности со богато конто, се покажало дека и покрај луксузот што го уживаат, едноставно немаат стил. Во одредени случаи таквите модни утки се инцидентни. Да на секој може да му се случи, па дури и на оние што важат за икони на стилот. Но, во други примери невкусот се повторува, а тоа упатува на недостатокот на разбирање на стилот.
Неодамна мета на критики во тој контекст, беше и партнерката на фудбалерот Кристијано Роналдо, Џорџина Родригез, која иако секогаш на себе носи брендирана облека, сепак неумешноста во креирање на визуелната целина е очигледна.


Дури и Селма Хаек, која важи за една од најатрактивните и најубавите жени на денешницата, позната актерка, сопруга на Франсоа Анри Пино (еден од челните луѓе на групацијата „Керинг”, во која се наоѓаат некои од најпознатите брендови – Гучи, Баленсијага, Сен Лоран, Александар Меквин), често се наоѓа на листата на најлошо облечени.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.