Теоретски, човечкото тело може да издржи одреден период без спиење. Светскиот рекорд е 11 дена и 25 минути. Но, тоа не значи дека е корисно, туку напротив. Недостатокот на сон е сериозен проблем.
Дури и ако со денови успеете да останете будни, тоа не е добро по менталното, ниту по физичкото здравје. Така на пример, во 1959 година радио водителот Питер Трип одлучил да емитува емисија долга 201 час за да собере пари за хуманитарна акција. До третиот ден почнал да ги пцуе луѓето околу себе, но и да халуцинира. Иако закрепнал по завршување на експериментот, неговите најблиски изјавиле дека тој никогаш повеќе не бил истиот човек.
На интернет кружат приказни за луѓе кои тврдат дека воопшто не спијат или спијат час или два во текот на ноќта. Советникот за спиење д-р Кристофер Винтер вели дека тоа не е вистина.
„Многумина мислат дека не спијат, но вистината е дека спијат без да знаат дека тоа го прават“, изјави тој за Men’s Health.
Винтер вели дека е физички невозможно со денови да останете будни бидејќи мозокот ќе ве присили да заспиете.
„Мојот рекорд е 48 часа и дефинитивно не беше забавно“, вели докторот.
Колку всушност е можно да се издржи без сон е тешко да се каже. И Гинисовата книга на рекорди престана да ги документира таквите обиди настојувајќи да ги спречи луѓето да си наштетат на здравјето.
Тоа што е сигурно е дека на возрасен човек во ноќта му се потребни седум до девет часа сон.