Коридорот 8, еден од десетте паневропски сообраќајни коридори, кој треба да ги поврзе Јадранско со Црно Море преку Албанија, Македонија и Бугарија, за своето завршување ќе го почека зачленувањето на Македонија во Европската унија, најавија од Софија.„Коридорот број 8 ќе биде реализиран кога Република Северна Македонија ќе биде дел од Европската унија, исто како што е дел од НАТО. Но, за ова мора да се почитуваат сите меѓународни барања и нашите договори што ги имаме меѓу нас“, изјави Кирил Добрев, бугарски пратеник и претседател на Комисијата за транспорт во Народното собрание.Дел од коридорот ќе биде автопатот „Рила“ од преминот Ѓуешево на границата со Македонија до Дупница, кадешто ќе се спои со автопатот „Струма“, а ќе чини 1,5 милијарди евра, стана јасно на состанокот на експерти, пратеници и градоначалници на општини по должината на трасата со раководителот на Ќустендилската област.Проектот за изградба на автопатот „Рила” датира од 1978 година, но досега не е реализиран, а работите најрано ќе почнат во 2027 година. Во иднина, тој ќе биде поврзан со автопатот „Струма” кај Дупница, со автопатот „Тракија“ кај Ихтиман и со автопатот „Хемус“ кај Своге.Неговата изградба веќе се разгледува од стратешка и од одбранбена перспектива, беше кажано на состанокот во регионалната влада.„Коридорот број 8 и автопатот ‘Рила’ не се само од економско значење, туку се и од одбранбено значење. Ова е исто така од големо значење за демонстрирање на подготвеноста пред нашите меѓународни партнери“, изјави експертот Мартин Јанев.
Пронајдете не на следниве мрежи:



