Корупцијата доведе до вистинска катастрофа за оваа земја, она што го видов за еден месец е за огромно разочарување


Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, вечерва повтори дека е збунувачки процесот за избор на нов шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Но и генерално, Аџелер оцени дека корупцијата е најголемиот предизвик со кој се соочува земјата.

„Го гледав како збунувачки кога се случи и се уште го гледам така. Премногу работи не беа одговорени. Ова нема никава врска со човекот што беше избран, ова има врска со процесот – процесот служи за да се изгради таа доверба, што сега е 8 проценти, во правосудството, а треба да биде најмалку двоцифрена бројка. Јас не знам што точно се случило, не можам да прејудицирам каков бил процесот, но отвора љубопитност“, изјави Агелер во интервју за ТВ „Сител“.

Во однос на корупцијата, амбасадорката посочи дека нејзиниот став – дека корупцијата е очигледно најголемиот предизвик на државава, е рефлексија на она што е став и реалност на граѓаните:

„И особено како што (државата) се движи кон Европската Унија, како што се движи кон полноправна членка на европското семејство, за да ги спроведе реформите и да се отвори за инвестиции, коишто мислам дека треба да се видат, да се отвори за странски туризам, за целосна интеграција во европската заедница, јас верувам дека тоа ќе бара сериозно адресирање на проблемот со корупцијата“, рече Агелер, потенцирајќи дека корупција не е само поткуп, туку се јавува во многу форми.

„Како што патувам низ земјава и зборувам со обични луѓе, тие зборуваат за корупција секогаш кога треба да посетат лекар, секогаш кога работат, секогаш кога нивното дете треба да се запише во некое училиште. Искрено, корупцијата доведе до она што јас мислам дека е вистинска катастрофа за оваа земја и што толку голем број млади луѓе не сакат да останат“, истакна амбасадорката на САД.

Според неа, резултатот, кој се рефлектира преку „довербата“ во македонското правосудство од помалку од 10%, е огромно разочарување, особено по декадите инвестиции од САД.

„Мислам дека е длабоко разочарувачки. Дури и во ова време кое што сум тука, а денес се навршува еден месец, видов работи кои се збунувачки, проблематични и, како што кажав на Твитер, тоа е огромно разочарување. Зборуваме за декади од инвестиции. Говориме за милиони и милиони долари платени од даночните обврзници на САД да инвестираат во судството во оваа земја. Ние, но уште повеќе луѓето на оваа земја, заслужуваат да видат поврат на таа инвестиција“, потенцираше Агелер во интервјуто, осврнувајќи се на целата помош што САД ја има дадено во изминатиот период за напредок во правосудниот сектор.

За потсетување, Агелер денеска на Твитер информираше дека тим за санкции од Вашингтон пристигнал во земјава за да ги потемелно да ги разгледа минатите и актуелни случаи на корупција и да ги разгледа можностите за „одговор“ на актерите на корупција. Притоа, Агелер, со индиректна порака до правосудниот систем, повика на повеќе истраги и гонења, за да се покаже дека „никој не е над законот“.

Извор: МИА

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: