Кој е најдобриот метод да се спречи ширење на COVID-19 во училниците?

Една нова студија спроведена од истражувачи од Универзитетот во Централна Флорида (UCF) сугерира дека заштитните маски и добриот систем за вентилација се поважни од физичкото растојание за да се спречи ширењето на COVID-19 во училниците.
Истражувањето е објавено во списанието Physics of Fluids, а резултатите можат да им помогнат на властите да донесуваат одлуки за тоа како да се изведува наставата.
„Истражувањето е важно затоа што помага да се разбере безбедноста во просториите“, рече коавторот на студијата и доцент на Одделот за машинско и аеронаутичко инженерство на UCF, Мајкл Кинзел.
„Студијата открива дека преносот со аеросоли не покажува потреба за физичко растојание од два метра во ситуации кога се носат маски. Овие резултати нагласуваат дека кога се носат маски, растојанието не го намалува преносот, што ја нагласува важноста од носење маски во училиштата и другите затворени простори“, додаде Кинзел.
Истражувачите го анализирале ризикот од пренесување на вирусот во воздухот преку компјутерско моделирање. Учениците и наставниците носеа маски, а беа анализирани две можни сценарија: училница со добар систем за вентилација и училница без вентилација.
Докажано е дека маските се корисни за спречување на директна изложеност на аеросоли, пренесува Science Daily. Покрај тоа, системот за вентилација во комбинација со добар филтер за воздух го намали ризикот од инфекција за 40 до 50% во споредба со училницата без вентилација.
Истражувачите наведуваат дека резултатите од нивната студија се во согласност со упатствата на Центрите за контрола и превенција на болести на САД (CDC) и дека растојанието од два метра во училиштата може да биде првата мерка што ќе може да се ублажи.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.