Кралот Салман нареди истрага за исчезнатиот новинар Кашоги

Саудискиот крал Салман денес нареди да се отвори истрага за исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги. Наредбата стигна откако турските власти најавија претрес на саудискиот Конзулат во Истанбул, каде на 2 октомври влезе Кашоги и потоа му се изгуби трагата.
Како што најави турската телевизија НТВ, која се повикува на дипломатски извори, турските власти денес попладне ќе извршат претсрес во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул со цел помагање во истрагата за исчезнувањето на саудискиот новинар.
– Кралот му нареди на Јавниот обвинител да отвори внатрешна истрага за предметот Kашоги врз основа на информациите од заедничката работна група во Истанбул”, изјави официјално лице кое побарало анонимност.
Делегацијата на Саудиска Арабија пристигна во петокот во Турција. Анкара се согласи да се формира заедничка работна група со Саудиска Арабија, со цел да се утврдат околностите во врска со исчезнувањето на новинарот.
Новинарот Џамал Kашоги работеше за „Вашингтон пост“ и беше критичар на Ријад. Се води за исчезнат откако на 2 октомври влезе во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул за да земе некои документи. Турските власти стравуваат дека тој е убиен од тајната служба на Саудиска Арабија, додека Ријад негира.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.