Синдикатот на културата поднесе кривична пријава против министерот за култура и туризам Зоран Љутков, за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Повреда на правата од работен однос“.
– Оваа кривична пријава ја поднесуваме со жалење, не затоа што се сомневаме во нејзината оправданост, туку затоа што станува збор за човек кој до неодамна беше и еден од нас – колега, член на Синдикатот и соучесник во борбата за правата на културните работници. Денес, од позиција на министер, за жал, стои на спротивната страна од таа борба. Министерот кој до вчера беше дел од синдикалната борба за работнички права, денес е симбол на нивното кршење. Министертот Љутков направи нешто што во правна држава не смее да се направи, со насоки пратени по меил и упатство што сам го изготви и сам го потпиша, се обиде да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори, изјавија денеска од Синдикатот.
Оттаму велат дека министерот Зоран Љутков останал глув на повиците за дијалог.
– Како што знаете веќе има повеќе од 800 тужби од вработените во културата против институциите и државата – нешто што никогаш немаше да се случи доколку законите се почитуваа. Сведоци сме на над 50 судски пресуди… од кои 8 се правосилни. Да, вработените во културата имаат 8 Правосилни судски Пресуди кои мора да се почитуваат и спроведуваат, велат од Синдикатот.
Од Синдикатот најавуваат кривични пријави и против директорите на институциите од културата за „Повреда на правата од работен однос“.
– Со своите постапки, министерот Љутков ги доведе и директорите на институциите од културата во исклучително незавидна и правно ризична позиција, туркајќи ги да постапуваат по негови насоки и упатства, иако тие беа во спротивност со законите, одлуките на УО и сега последно со судските одлуки. Важно е да се нагласи дека директорите беа претходно писмено предупредени од Синдикатот дека доколку постапат по незаконските налози и ги прекршат правата на вработените, ќе следуваат кривични пријави, посочуваат од Синдикатот.
Кривичните пријави, како што посочуваат, следуваат по цела една година дадена можност директорите да ја исправат направената грешка и да постапат согласно закон и колективните договори.
Министерот Љутков на прес-конференција во Владата, која се уште е во тек, ги демантира трвдењата од Синдикатот.


