Кујната во РЕК Битола е привремено затворена откако вработени се пожалија на стомачни тегоби и побараа лекарска помош. Во текот на вчерашниот ден лекарска помош побарале 81 лице, а според информациите објавени во дел од медиумите, во текот на ноќта и претпладнево пријавени се уште 30-тина лица.
Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека е извршен вонреден инспекциски надзор од страна на надлежните институции при што се земени мостри од храна и брисеви од работните површини и од вработените во кујната.
Од АД ЕСМ денеска излегоа со информација дека истата храна ја конзумирале и вработените во „Термо“ на РЕК Битола каде не се пријавени никакви симптоми.
– Според досегашните информации, на преглед се јавиле вкупно 81 лице, при што најголемиот дел се со лесна клиничка слика и сите се пуштени на домашно лекување. Ова укажува дека состојбата е под контрола и се третира со соодветна сериозност. Дополнително, важно е да се напомене дека истата храна ја конзумирале и вработените во делот „Термо“ на РЕК Битола, каде што не се пријавени никакви симптоми. Наредено е вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување на вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица, велат од АД ЕСМ.
Оттаму апелираат да не се изнесуваат непроверени информации и да не се создава непотребна паника, а до политичките партии да се воздржат од шпелукации за, како што велат, дневно-политички поени.
Од Обвинителството информираа дека Основното јавно обвинителство од Битола ги координира дејствијата за целосно испитување на настанот.


