Левица остро ја осудува одлуката за најновото зголемување на цената на парното за 5 проценти, како и најавениот раст на цената на електричната енергија од јануари. Од партијата сметаат дека овие одлуки не се само технички бројки во одлуките на Регулаторната комисија за енергетика, туку доказ за, како што наведуваат, хроничниот неуспех на Владата во енергетскиот сектор и за растечкиот удар врз стандардот на граѓаните.
Од партијата реагираат и на информациите дека ЕСМ ја нуди струјата по 65 евра за мегават-час, оценувајќи дека тоа ја демантира „владината приказна за стабилност во снабдувањето“.
Според Левица, граѓаните ја плаќаат струјата двапати – преку зголемените сметки и преку буџетски средства со кои се субвенционираат цените, со што, како што тврдат, Владата ја прикрива штетата од погрешните политики и скапи менаџерски одлуки.



