По смртта на мајката и шестгодишното девојче во скопски Карпош денеска од Обвинителството информираат дека во полициска станица е задржано едно лице и дека се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.
Дел од медиумите јавија дека се работи за мажот на почината жена.
– Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна, информира Обвинителството.
По наредба на јавен обвинител се вршат распити и на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации.
Наредена е и обдукција на починатите, а побарано е и детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи за сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави.
Прашањето што останува отворено е уште колку вакви случаи на семејно насилство треба да се случат за да почнат да реагираат институциите.
Братот на починатата жена преку објава на социјалните мрежи одговорноста ја лоцираше во системот и институциите.
Медиумите пренесуваат и изјави од соседите кои сведочат дека пријавувале во полиција.


