Во Македонија, едно од пет лица (22%) на возраст од 16 до 74 години користеле алатки за вештачка интелигенција (ВИ) оваа година. Мнозинството ги користеле за лични цели (15,76%), додека 8,55% ги користеле за работа. Речиси едно од десет лица (9,4%) ги користеле за формално образование.
На ниво на ЕУ, речиси една третина (32,7%) од луѓето на возраст од 16 до 74 години користеле алатки за вештачка интелигенција. Мнозинството ги користеле за лични цели (25,1%), додека 15,1% ги користеле за работа, а 9,4% за формално образование, покажуваат податоците за употребата на ИКТ во домаќинствата и од страна на поединци објавени од Евростат.
Како најчести причини за некористење алатки за вештачка интелигенција, 43% од граѓаните во Северна Македонија рекле дека не им се потребни, 11% не знаат како да ги користат и 2% поради загриженост за приватноста и безбедноста.
Во Европа, лидер во употребата на алатки за вештачка интелигенција е Норвешка (56,32%), додека најмалку користена од граѓаните е Турција (17,19%).Од земјите во регионот, најмногу користени алатки за генеративна вештачка интелигенција имале граѓаните на Грција (44,09%) и Словенија (37,56%). Потоа доаѓаат Хрватска (27,52%), Бугарија (22,5%) и Македонија (22,03%). Најмалку користени алатки за вештачка интелигенција имале граѓаните на Србија (18,64%) и Босна и Херцеговина (20,26%).
На ниво на ЕУ, употребата на алатки за генеративна вештачка интелигенција е најраспространета во Данска (48,4%), Естонија (46,6%) и Малта (46,5%). Спротивно на тоа, најмал процент на луѓе кои користат алатки за генеративна вештачка интелигенција е забележан во Романија (17,8%) и Италија (19,9%).
Во ЕУ, 94% од поединците користеле интернет во последните три месеци од 2025 година, додека четири проценти ја поминале целата година без да користат интернет.
За интернет конекција, мобилните уреди ги користат речиси 9 од 10 луѓе во ЕУ, додека 74% од поединците нарачале или купиле услуги или стоки преку интернет.
Минатата година, 91 процент од домаќинствата во земјата имале пристап до интернет, што е значително зголемување во споредба со 2015 година, кога тој број достигнал 69%. Околу 6,86 проценти од граѓаните ја поминале целата година без да користат интернет.
За интернет конекција, повеќето луѓе користеле мобилни уреди (91,5%), околу 20% десктоп компјутери, 35% лаптопи и 9% таблети.
Најчесто, 86 проценти од луѓето во земјата го користеле интернетот за телефонски повици или видео разговори, 78 проценти за пристап до социјалните медиуми и 41 процент за вршење плаќања и примање е-пошта. Околу 42 проценти од граѓаните нарачале или купиле услуги или стоки преку интернет минатата година, што е двојно повеќе отколку во 2020 година кога тоа го сториле 21 процент.
The post Македонија е под просекот на ЕУ во користењето на вештачката интелигенција appeared first on Во Центар.



