Македонија и Србија ја забрзуваат изградбата на гасниот интерконектор

Делегација од Северна Македонија, предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска, заедно со тимот од Секторот за нафта и гас при Министерството и раководителите на „Номага“, „МЕМО“ и „МЕПСО“, престојуваше во Белград на покана на српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Хандановиќ Ѓуровиќ.

Главен фокус на посетата беше забрзаната имплементација на гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија – проект од стратешко значење за регионалната поврзаност и долгорочната енергетска безбедност. Како што информира Министерството за енергетика, на работниот состанок беа разгледани главните технички, финансиски и институционални чекори потребни за продолжување на активностите за изградба на интерконекторот.

Овој инфраструктурен проект, со вкупна должина од приближно 67 километри (23 км на територијата на Северна Македонија и 44 км во Србија), ќе ги поврзе гасните системи на двете земји – од Македонска страна со приклучок во Клечовце, додека од Српска страна со националната гасоводна мрежа во Врање.

Светската банка и други комерцијални банки се исто така заинтересирани за финансирање, бидејќи интерконекторот е дел од поширока визија за интегриран, диверзифициран и безбеден регионален пазар на гас. Според договорената динамика, се очекува неговата изградба да биде завршена во 2027 година. Се очекува првиот гас да помине низ новиот гасовод во 2028 година. Исто така, се планира интерконекторот да биде технички подготвен за иден транспорт на водород, во согласност со европските долгорочни енергетски цели и зелените политики.

Министерката Божиновска нагласи дека проектот напредува според динамиката утврдена и усогласена меѓу двете работни групи. „Интерконекторот со Србија е клучен проект што ќе ја отвори нашата земја кон нови извори на гас и ќе ја зајакне регионалната енергетска стабилност. Но, ова е и едно од најважните инфраструктурни врски за целиот регион – важно не само за Северна Македонија и Србија, туку и за цела Европа. Ги завршивме студиите, координираните рути и координираните активности што веќе се спроведуваат. Нашата цел е интерконекторот да стане реалност што е можно поскоро, бидејќи секој ден е важен за безбедноста на граѓаните и економијата“, нагласи Божиновска.

Српската министерка Хандановиќ Ѓуровиќ ја нагласи важноста на заедничката регионална визија.

„Гасовниот интерконектор со Северна Македонија е проект кој има значење надвор од нашите граници. Тој е дел од визијата за енергетски поврзан регион, одржлив и во согласност со европските цели. Соработката со министерката Божиновска и македонскиот тим е интензивна и конструктивна. Со поддршка на „Транспорт Гас Србија“ и „Номагас“, ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Се договоривме за редовни интензивни состаноци, така што интерконекторот ќе стане реалност што е можно поскоро“, рече министерката.

Двете делегации ја потврдија својата целосна посветеност на интензивна координација и навремено исполнување на сите обврски. На крајот од средбата беше потврдена заедничката определба за силна институционална и техничка координација со јасна цел – гасниот интерконектор Северна Македонија – Србија да стане безбедна, функционална, модерна енергетска врска, што ќе обезбеди поголема безбедност, диверзификација и регионална интеграција, во интерес на граѓаните, економијата и целиот регион.
The post Македонија и Србија ја забрзуваат изградбата на гасниот интерконектор appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: