Панчо Михајлов (1888 – 14. VI 1925) е македонски револуционер, војвода, учител, новинар, поет, писател и фолклорист. Учителствувал во Кочани, Виница, Ќустендилско и Радомирско. Во 1921 г. формирал своја чета и подолго престојувал во источниот дел на Македонија. Бил еден од најблиските соработници на Тодор Александров. Познат како Чавдар, Мечето, Мачкарски, се до убиството дејствувал како кочански околиски војвода. Движејќи се низ Источна Македонија, ги забележал песнте што ги објавил во зборникот „Български народни пѣсни отъ Македония “. Од четничкиот живот му е и збирката раскази „Во земјата на солзите“.
Панчо Михајлов е роден во 1888 година во Штип. Во 1909 година завршил Педагошка гимназија во Скопје, а потоа бил учител во Кочани, Виница, Ќустендилско и Радомирско.
За време на Првата и Втората балканска војна, тој служел како доброволец во 1-та и 3 –тата чета на 7 – кумановска дружина на Македонско-одринското ополчение. По 1913 г. се населил во Бугарија, каде завршил школа за резервни офицери. За време на Првата светска војна, Чавдар бил командант на митролеска чета во 53 – от пешадиски полк на бугарската армија.
По војната Чавдар бил демобилизиран и работел како главен сметководител во рудникот „Перник“. Тој се приклучил на обновената ВМРО од Тодор Александров во 1920 година. Во 1921 година минал во илеганост, формирал своја чета и подолго престојувал во источниот дел на Македонија. Се до убиството дејствувал како кочански околиски војвода.
Во 1921 година, качанската чета на Панчо Михајлов, заедно со штипјанецот Иван Јанев – Брло, воделе битка со српските војски во близина на селото Спанчево, во кое Србите изгубиле осум лица. Во текот на 1922 година, четата на Михајлов 9 пати се борела со српските единици во регионот на Кочан и Штип.
Панчо Михајлов го предводел преземањето на Ќустендил на 4-6 декември 1922 година, заедно со Иван Јанев – Брло и селските милиции и чети на ВМРО од околината на Царево Село, Кратово, Виница и Кочани. На централниот плоштад во Ќустендил, Панчо Михајлов одржал говор кој меѓудругото вели:
„ ..Таму во Македонија, ние со успех водиме борба на живот и смрт со онаа бесна власт, која го носи валканото име “српска”, со онаа византиска управа, која се нарекува “грчка” и со многуте други непријатели на македонската слобода. Нашите позиции таму се непробојни зашто сето население застана под знамето на В. М. Р. Организацијата, која што единствено војува за слободата на Македонија, бидејќи тежината и солзите ни се заеднички. Борбата за слободата на Македонија ќе ја водиме до тогаш, додека зората на слободата не огрее и над таа колку измачена, толку чудесно убава земја… Да живее независна Македонија!…“
Во јули 1924 година, четата на Михајлов водела целодневна битка со српската потера во селата Калиманци и Илиово. По убиството на Тодор Александров во август 1924 година, Панчо Михајлов, по предлог на Иван Михајлов, бил избран за член на организацискиот суд. Тој заедно со Јордан Ѓурков и Петар Шанданов учествува во Горноџумајските случувања, насочена против левицата, за елиминација на учесниците во заговорот за убиството на Александров. Но поради предвремено започнување на акцијата тој со Ѓурков не успеале да го ликвидираат Георги Атанасов.
Движејќи се низ Источна Македонија, Панчо Михајлов ги забележал песнте што ги објавил во 1924 година во зборникот „Български народни пѣсни отъ Македония “. Во издание на Штипското благотворително братство, како што истакнува и М. Арнаудов во предговорот, во зборникот, првпат се објавува циклус револуционерни песни што се одраз на новото време и на новите општествени состојби. Книгата вклучува песни главно од Штипската, Скопската, Кратовската, Кочанската, Паланечката и Царевоселска-Малешевска околија. Во собирање на песните придонесуваат и војводите Мите Опилски, Евтим Полски, Томе Попзахариев, Димитар Паликрушев и Григор Хаџикимов.
Панчо Михајлов објавувал во весниците на македонската емиграција во Бугарија, „Илинден“, „Независима Македония“ и др. Од четничкиот живот му е и збирката раскази „Во земјата на солзите“ („В страната на сълзите“, Софија, 1924). Во неа тој ќе забележи:
„Ние доаѓаме од земјама на вечните солзи — Македонија — Балкансшта Голгота, од бреговите на синиот Охрид, од кулите на легендарниот Крали Марко, од сонливите води на реката Црна, од матниот крвав историски Вардар, од височините каде лета сенката на убавиот Самуил за да докажеме за недостигнатиот пат дека не се гаси тоа што не гасне, не умира тоа што во себе ги носи елементите на бесмртност и дека има една земја, еј, таму зад снежниот Руен, којашто ги влече прангите на црно ропство, Ние доаѓаме за да докажеме дека нема власт, сила и закони над тие глави коишто за слободата на својот роден крај се готови да се откажат од рамето врз кое се потпираат, дека возвишената гордост на Македонецот не може никој да ја прегази и покрај теророт и суетните очекувања на неговите непријатели. Затоа што не за приказна Македонецот положил толку крв, коски и маки. Сето тоа тој не би можел да го поднесе, ако не ја носи во себе нескротпивати љубов кон својата татковина”.
По убиството на Тодор Александров во август 1924 година, Панчо Михајлов дошол во судир со Иван Михајлов. Тој бил обвинет дека ги кршел дисциплинските правила во ВМРО, за кој наводно повеќе пати бил предупреден. Поради тоа, Чавдар бил исклучен од Организацијата, а подоцна под сомнение дека ќе избега во Виена и ќе издаде весник со федералистите му била изречена и смртна пресуда. Всушност, тој влегол во судир со Иван Михајлов околу тоа кој ќе ја предводи организацијата. Иако Иван Михајлов му дал лично ветување на Питер Шанданов дека нема да нареди убиство на Чавдар, тој не го одржал зборот.
Панчо Михајлов Чавдар бил убиен во Софија на 14 јуни 1925 година, по наредба на Иван (Ванчо) Михајлов.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.