Мајка и нејзиното дете загинаа по пад од шести кат во комплексот „Алумина“ во Карпош

Вчерашната смрт на мајка и ќерка во Тафталиџе, длабоко ја потресе јавноста. Истрагата е во тек и институциите сè уште не соопштуваат детали за настанот. Но едно прашање веќе се наметнува: ако претходно било пријавувано насилство, дали системот направил доволно?

Неколку полициски возила и екипа на обвинителството се уште вршат увид во зградата во скопски Карпош, во комплексот „Алумина“, каде жена и дете го загубија животот по пад од балкон.
Според првичните информации, околу 14 часот на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, жената и детето паднале од балкон на шести кат од зградата. На местото веднаш пристигнала екипа на Итната медицинска помош, која констатирала смрт кај двете лица.
Засега мотивот   не е соопштен, а од надлежните институции најавуваат повеќе информации по завршувањето на истрагата.
Најблиските алудираат на семејно наследство и институционална заспаност.
Сепак, што треба да се случи кога има пријава за семејно насилство?
Во теорија, постапката е јасна: по пријава во МВР, полицијата треба да процени ризик, да преземе заштитни мерки и да го извести обвинителството.
Центарот за социјална работа треба да изготви проценка, да предложи мерки за заштита и да обезбеди поддршка за жртвата. Судот може да изрече привремени забрани и други мерки за безбедност. На хартија, механизмите постојат. Прашањето е дали функционираат навремено и координирано?
Преку објава на социјалните мрежи нејзиниот брат изнесе тврдења дека трагедијата е резултат на долгогодишни институционални пропусти. Во објавата тој наведува дека претходно биле пријавувани случаи на семејно насилство, физичко и психичко малтретирање, закани, како и сериозни инциденти во државна институција, но според него, надлежните органи не реагирале соодветно.
„Денес потфрли МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата“, напиша Александар Стојановски.
„Државата овозможи да згаснат млади животи. Никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа“, наведува тој.

Пронајдете не на следниве мрежи: