Инаку, на 25 јануари МВР спроведе голема полициска акција во скопското село Грчец, со претреси во домови и приведување членови на криминална група
Меѓународна потерница за Муареми Шеваљ, лидерот на криминалната група од Грчец, инволвирана во недозволена трговија со дрога и убиства, е објавена на сајтот на Министерството за внатрешни работи (МВР), како и за уште седум лица осомничени во истрагата, пренесува ТВ Телма.
Шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, на брифинг со новинарите, како што пишува Телма, рече дека се во комуникација со властите во Дубаи, каде што се наоѓа Муареми, и ќе се бара негова екстрадиција.
Од Mинистерството за правда, пак, велат оти ќе постапат откако ќе добијат соодветно барање.
„За Шеваљ Муареми не е побарана екстрадиција. За секое лице за кое ќе ни се достават списи ние ќе бараме екстрадиција“,
велат оттаму.
Инаку, на 25 јануари МВР спроведе голема полициска акција во скопското село Грчец, со претреси во домови и приведување на членови на криминална група. На пет од шестемина уапсени, судот им одредени 30-дневен притвор, додека на шестиот приведен му се изречени мерки на претпазливост.
Досегашниот министер за внатрешни Оливер Спасовски рече дека станува збор за една од можеби најзначајните истраги која финиширала со целосно разбивање на криминалните групи кои повеќе од 30 години дејствувале на територијата на главниот град на државата.
Според Спасовски, 16-те лица опфатени во истрагата се осомничени за трговија со дрога, убиства и обиди за убиства, а едно од нив во рамките на акцијата е уапсено во Шпанија.
Во однос на лицата кои се надвор од земјава и не им се достапни на македонските власти, меѓу кои е и лидерот на групата од Грчец, Спасовски рече дека во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал се иницирани потерници, а ќе се преземат и координативни мерки со поддршка на Европол за нивно апсење.
Панче Тошковски, новиот министер на МВР во техничката влада, во интервју за „360 степени“ на МРТ1 кажа дека на примопредавањето на функцијата со Спасовски се разговарало и за апсењата во Грчец.