Премиерот, Христијан Мицкоски вечерва во гостување на Канал 5 најави дека ќе има протести или како што рече „ќе им се случи народ“ ако членовите на Судскиот совет за кои беше изгласана недоверба во Собранието не си дадат оставки. На тие протести тој ќе биде во првите редови.
„Ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира, народот е гладен и жеден за правда. Замислете имате кај граѓаните помала доверба од два или три отсто, ве разрешуваат и вие не си заминувате, водите инает. Ќе им се случи народ, прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи“, истакна премиерот Мицкоски.
За тоа кој ќе ги замени, Мицкоски нагласи дека ќе се разговара, но едно е сигурно дека нема да биде исто.



