Ако некој одлучил да прави естрада и циркузант од себе, дозволете му, сите можат да го видат и да го слушнат. Подобро да премолчите отколку влезете во таа естрада, изјави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја вчерашната ситуација во Тетово кога новинар ја праша министерката за образование дали со себе носи преведувач.
– Понекогаш тоа што нема коментар не значи дека некој нешто заборавил да коментира, туку едноставно некои луѓе и не заслужуваат да бидат коментирани. Ако некој одлучил да прави естрада и циркузант од себе, дозволете му, сите можат да го видат и да го слушнат. Подобро да премолчите отколку влезете во таа естрада, рече денеска Мицкоски.
Денеска со реакција се јави и Владата од каде побараа да реагираат новинарските здруженија.
– Изразуваме сериозна загриженост и остра реакција на неодамнешниот настан на јавен медиумски настан, при кој новинарот Невриј Адеми, со очигледно несоодветен тон, непримерна реторика и недолично формулирано прашање се обрати кон Министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Особено не загрижува фактот што ваквиот непримерен однос не претставува изолиран инцидент, туку повторување на веќе забележано однесување кон истата носителка на јавна функција. Ова отвора сериозни прашања за почитувањето на основните професионални стандарди, етички норми и принципи на комуникација во јавниот простор, стои во реакцијата од Владата.
Министерката за образование Весна Јаневска до која беше поставено прашањето вчера во Тетово изјави дека нема потреба од преведувач.
– Не ми треба преведувач и не знам кому му треба преведувач во Македонија за македонски јазик, рече Јаневска, одговарајќи му на новинарот.


