ВМРО-ДПМНЕ не нуди визија, туку отворање на веќе затворени прашања, смета првиот вицепремиер
Полноправно членство во Европската Унија е возможно до 2030 година ако не чекаме, туку континуирано работиме, вели првиот вицепремиер Бојан Маричиќ во интервју за „360 степени“, дополнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не нуди визија, туку отворање на веќе затворени прашања како што е признавањето на македонскиот јазик и идентитет.
Неговата изјава доаѓа по пораката на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, од изминатиот викенд дека „шарена лага“ е кампањата на СДСМ во екот на предизборието оти се работи за избори на кои ќе се гласа „за“ или „против“ членство во Унијата.
„Шарена лага е дека можеме бескрајно да преговараме со Бугарија и да очекуваме подобри услови за нешто што веќе го имаме на маса: заштитен македонски јазик и идентитет. Знаете, не го кажуваме ние, ако е шарена лага, не би го кажал Шарл Мишел на форумот во Блед, дека е возможно да влеземе во ЕУ до 2030 година“,
изјави Маричиќ, дополнувајќи дека иако е личен став, сепак, доаѓа од претседателот на Европскиот совет.
Според Маричиќ, ВМРО-ДПМНЕ не нуди идеја и сака само да чека, што е погрешен пристап, бидејќи на почетокот на следната деценија сигурно ќе има прием на нови членки на ЕУ.
„Ние нудиме да ги забрзаме преговорите, веќе ни се отворени. Го имаме Планот за раст, да ја отстраниме пречката за продолжување на преговорите и да дадеме сè од себе. Јас ве уверувам дека на почетокот на следната декада, дали ќе биде 2030, ’31 или ’32, меѓутоа до крајот на тој мандат ’29-’34, ќе има нови членки. Тоа сум сигурен дека ќе биде така, бидејќи притисокот за Западен Балкан и за Украина и Молдавија ќе биде толку голем што ќе мора нешто да се направи. Убеден сум дека ќе има нови членки, прашањето е дали ние ќе бидеме меѓу тие нови членки. Знаете, ние се чудевме за Хрватска, ќе се чудиме и за Албанија и за Црна Гора“,
вели вицепремиерот.
Тој смета дека работата што ја завршила актуелната власт е поради огромниот притисок и труд, како и секојдневното презентирање аргументи пред одлучувачките сили.
„Затоа имаше Ковачевски средби во Рим и со данската премиерка и со Олаф Шолц и со сите оние што одлучуваат, коишто се на решавачката маса. И со Педро Санчез. На тие лидери ние мора да им објасниме зошто Балканот вреди да биде во ЕУ и зошто за нив е исто толку важно како што е за нас. Јас мислам дека е тоа достижна цел. И за НАТО не веруваа, а ние сме веќе четири години членка на НАТО. Ова е достижна цел ако работиме на неа“,
рече Маричиќ во интервјуто.
Тој се осврна и на државните политики до 2017 година и вели дека тогаш Македонија била изолирана, а претставниците на ВМРО-ДПМНЕ не ги примале на средби во ЕУ.
„2008 година бевме во слична ситуација, кога нè убедуваа дека изборите се за Македонија, а не се за тоа каде ќе оди Македонија. Знаеме дека 10 години нè внесоа во црна дупка и Груевски и Мицкоски и Иванов. Ако нашата цел е да влеземе во црната дупка на Иванов, на Мицкоски и на таа екипа, тогаш во ред. Ако тоа е тоа што ни го нудат. Тоа е таа нивна борба за Македонија. Ние нудиме концепт со којшто во наредниот мандат нема да ги упропастиме сите достигнувања од изминатите седум години, нема да одлучиме да бидеме на маргините на политичката сцена во Европа и во светот, како што бевме до 2017 година. Знаат многу добро претставниците на ВМРО-ДПМНЕ дека никаде не биле примани во последните две-три години од нивниот мандат“,
рече секретарот за меѓународна соработка на СДСМ.
Според него, Христијан Мицкоски би ја соочил Македонија со поголеми проблеми доколку седне и повторно преговара за веќе затворени прашања.
„Првото прашање што ќе се отвори кога Мицковски ќе го отвори прашањето за пресудите во Стразбур и за внесувањето на Македонците во Уставот на Бугарија, ќе биде – добро, во ред, да разговараме за тоа, но дајте да разговараме и за македонскиот јазик. Спремни ли се да разговараат за македонскиот јазик? Ние тоа прашање го затворивме. Го имаме во Преговарачката рамка, никој веќе не го дискутира. Зошто да ги отвораме тие рани повторно за ВМРО ДПМНЕ да има кауза. Тоа што немаат кауза и идеја за што се залагаат, не сме ние виновни“,
рече Маричиќ во интервјуто за „360 степени“.