Ниту еден јазик не ми пречи и нема да ми пречи. Не знам зошто се вознемирувате, но според Уставот официјален јазик на целата територија е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во општините каде повеќе од 20 проценти од населението припаѓа на одредена заедница, се користи и јазикот на таа заедница. Слободно користете албански јазик, дури и се трудам и да го учам и научам. Колку повеќе јазици знам, толку побогат сум, му одговори премиерот Христијан Мицкоски на пратеникот Скендер Реџепи.
– Се надевам дека за некоја година од денеска, ќе можам да не ги користам слушалките и ќе можам да го разберам тоа што го кажувате. Мислам дека преводот не е соодветен на тоа што го кажувате, колку толку имам познавање на некои од речениците, рече Мицкоски.
За случајот со министерката за образование и новинарот кој во Тетово ја праша дали има преведувач, Мицкоски рече дека е непристојно некој да се однесува така кон жена и дека треба да се почитуваат некои елементарни работи.
– Ако вие алудирате на прашањето на новинарот кон министерката за образование, тоа е сосема друго. Ако сакате, можеме и за тоа да зборуваме. Прво, беше непристојно на дама, така некој да ѝ се обрати, без разлика дали е на албански или македонски. Второ, жената е ожалостена бидејќи сопругот ѝ почина неодамна и е во црнина и не е добро така некој да ѝ се обраќа. Треба некои елементарни работи да ги почитуваме, човечки се. Тука нема врска Албанци, Македонци, Шпанци…Наместо да се извини, тоа младо момче продолжува со дообјаснување. Но, во ред, некој некогаш ги учи работите по потешкиот пат или полесниот, некој на туѓите грешки, рече Мицкоски од собраниската говорница.


