Според последните информации добиени од дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија, во моментов повеќе од 400 граѓани побарале информации во врска со можноста за евакуација, додека околу 30 од нив изразиле подготвеност да ја напуштат земјата при првата можна можност, соопшти Министерството за надворешни работи.
„Со сите регистрирани лица се одржува редовна и континуирана комуникација, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална помош и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на ситуацијата.“
„Паралелно, дипломатските и конзуларните претставништва преземаат сите потребни мерки за подготовка и безбедно спроведување на евакуацијата на граѓаните кои изразиле подготвеност за тоа. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е во постојана комуникација со пријателските земји и меѓународните партнери со цел координирано и успешно спроведување на постапката“, велат од МНР.
Министерството за надворешни работи дополнително нагласува дека за граѓаните кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати и Државата Катар, според информациите и упатствата од надлежните институции, во моментов нема безбедни услови за евакуација.
„За македонските граѓани кои се наоѓаат во Израел, веќе активно се разгледуваат и координираат можни алтернативи за нивна безбедна евакуација. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку својот дежурен телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, останува целосно достапно за граѓаните. Уште еднаш, ги повикуваме сите наши граѓани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги спроведуваат упатствата и упатствата на надлежните локални безбедносни органи“, се вели во соопштението на МНР.
The post МНР: Над 400 граѓани се заглавени во кризните региони, само 30 сакаат да се вратат во Македонија appeared first on Во Центар.



