Муцунски за „Канал 5“: Хасани објасни дека станува збор за техничка грешка

Националноста Македонци стои во графата за националност во пописот во Албанија.

Албанската агенција за статистика по еден ден од објавата на резултатите изврши корекција и наместо Северномакедонци сега стои Македонци. Промената доаѓа по реакција на МНР и средбата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со неговиот албански колега на форумот во Дубровник.

-Заедно со претседателот на Владата Мицкоски ја следевме ситуацијата. Имавме во неколку наврата комуникација и со службите во министерството за надворешни работи. Утврдивме некои прашања за кои што како држава имаме сериозна грижа, тие беа денес и јавно воочени во објава која што ја имаше од страна на МНР. Тука е и колегата Хасани, албанскиот министер за надрворешни работи. Стапив во контакт со него. Тој потоа стапи во контакт веројатно со соодветните служби во соседна Албанија. Информираше дека по однос на тоа прашање се работело за техничка грешка. Исрено ќе кажам дека сум му благодарен за брзата интервенција, изјави за Канал 5 министерот за надверешни работи Тимчо Муцунски.

Прелиминарни податоци од пописот во Албанија за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата, соопштија од Министерството за надворешни работи, откако и македонски друштва во Албанија реагираа за, како што велат, направен груб пописен фалсификат по објавената бројка од пописот за над 7. 000 Бугари во Албанија.

За натамошните чекори, МНР ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во Скопје.

-Ќе зборуваме прво со нашиот амбасадор, секако, околу неговиот ангажман таму по однос на овие прашања. Околу тоа која е нашата стратегија во однос на сите овие прашања кои што јавноста секако будно ги следи и ние во одредени детали многу повеќе ги следиме и ќе ја договараме нашата заедничка стратегија. Но ќе повторам, стратегија која има за цел да ги заштити правата на Македонците кои што живеат на територија на Р. Албанија, но исто така и да работиме, да имаме добри биулатерални односи со Албанија како наш значаен сосед, вели Муцунски.

Најстарото здружение на Македонците во Албанија, „Друштво Преспа“, резултатите ги смета за груб пописен фалсификат и бараат од Европската Унија да преземе мерки против Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа под услов да потпишат писмена изјава дека се ‘Бугари по потекло‘. За ова уште вчера за Канал 5 сведочеше Васил Стеријовски, претседатот на Mакедонска алијанса за европска интеграција..

-Овој процес е одамна започнат, во кој се вклучени пред се албански функционери. Во бизнисот со бугарски пасоши, лица кои посредуваа се лица од партијата на власт. После тоа, издаваат незаконски потврди од општините за бугарско потекло, бидејки сега последно, такво бара Бугарија. Бидејќи немаат такви ингеренции албансите институции, тоа е коруптивен начин кој што еве си тера непрекинато, иако се докажа дека со 100 евра можеш да си купиш лажна потврда. Сепак тој процес продолжува, Албанија го дозволува, вели Васил Стеријовски- претседател на МАЕИ

Ова е првпат на попис во Албанија да се попишат лица од буграска националност. Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин, реагираа македонските здруженија и партии во албанија. Албанија во октомври 2017 година официјално призна постоење бугарско национално малцинство во земјата, по заканите од Софија за вето на во ЕУ.

Пронајдете не на следниве мрежи: