Најлесниот и најздравиот рецепт за крофни

Според традиционалните рецепти, крофните се пржат во масло. Но, доколку сакате да ги избегнете маснотиите и да ги подготвите крофните во поздрава верзија, тогаш пробајте го овој рецепт!
Потребни состојки:
500 грама брашно
20 грама квасец
3 лажички шеќер
1/3 лажичка сол
200 милилитри топло млеко
Кора од половина лимон, изрендана
1 пакување ванилин шеќер
3 жолчки
100 грама путер, стопен
Мармалад или чоколаден крем
Шеќер во прав


Начин на подготовка:
Во 100 милилитри топло млеко ставете го однапред издробениот квасец и додајте лажичка шеќер. Почекајте тој да се подигне.
Ставете го брашното во поголем сад и направете мала дупка во него за да го префрлите подигнатиот квасец. Потоа додајте го шеќерот, ванилиниот шеќер, две од жолчките, изренданата кора од лимон и солта. Потоа постепено сипете ги и преостанатите 100 милилитри од топлото млеко и стопениот путер. Измешајте.Најдобро е прво да го матите тестото со миксер, па кога ќе стане доволно густо да го префрлите на работна површина и да го месите со раце. Кога ќе почувствувате дека тоа е целосно, оставете го да отстои саат време.
Откако ќе се подигне, поделете го на 12 мали делови кои потоа ќе ги обликувате во мали топчиња. Наполнете ги со мармалад или со чоколаден крем, па повторно оформете ги во топчиња.
Ставете ги на тепсија врз хартија за печење и малку сплескајте ги за да ја добиете формата на крофни. Покријте ги и оставете ги да отстојат 40-тина минути. Кога ќе се подигнат, премачкајте ги со преостанатата жолчка и ставете ги во рерна претходно загреана на 180 степени. Печете 15 до 20 минути или сè додека не поруменат.
Кога ќе ги извадите од рерната, посипете ги со шеќерот во прав.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.