Украина денеска има потреба од 200.000 проектили од 155 милиметри месечно или 2.5 милиони годишно, соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел на прес-конференција на презентацијата на стратегијата на Европската комисија за распоредување на одбранбеното производство до 2030 година.
„Сакаме да бидеме во состојба да помогнеме“, посочи тој.
Според него, до крајот на годината се очекува ЕУ на силите на Киев да им обезбеди околу 1,15 милиони проектили, а досега се обезбедени околу 350 илјади.
Тој додаде дека според билатералните договори, Украина обезбедила уште 350.000 проектили. „До крајот на март очекуваме да бидат произведени околу 150.000 проектили преку заедничка јавна набавка“, додаде Борел.
Тој истакна дека ЕУ засега ја исполнува половина од целта 35 отсто од јавните набавки во областа на одбраната да бидат заеднички.
„Земјите од ЕУ ги носат одлуките за одбраната, ЕК е одговорна само за политиката за производство“, објасни Борел.
Тој ја повика ЕУ да ги надмине разликите во вооружувањето и посочи дека САД инвестираат во одбраната четири пати повеќе од земјите во Европа.
Според него, засега 90 отсто од военото производство во ЕУ е концентрирано во само неколку земји и недостигаат не толку производствени можности колку средства за набавка на муниција и опрема. Тој додаде дека до почетокот на војната во Украина само 40 отсто од воената опрема била европско производство, од која половина била за извоз.
„Денеска расте потребата за купување од земји надвор од ЕУ, рече Борел и прецизираше дека сè уште нема консензус за ова прашање.