Анестезиологот Томчо Ванчев е осуден на 4 години затвор и пет години забрана да се занимава со дејноста, а гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов се ослободени од вина.
Ова се пресудите кои денес ги донесе Основниот суд во Велес за обвинетите лекари од Болницата во Гевгелија, за смртта на родилката, Маја Кадиева по која почина и нејзиното новороденче. Трагичниот настан се случи при породувањето на Маја Кадиева на 22 октомври 2015 година.
Анестезиологот беше обвинет дека нестручно ја извршил интубацијата при давање анестезија, што довело до смрт на пациентката. Покрај тоа тој бил и под дејство на алкохол. Гинеколози Чалков и Москов беа обвинети дека не ја спречиле операцијата, иако виделе дека нема услови за да се изврши успешно. Четвртиот лекар, кој исто така, учествувал во породувањето, анестезиологот Зоран Јовановски почина непосредно пред судскиот процес.
Сопругот на почината родилка, Димитар Кадиев изјави дека е само делумно задоволен од пресудата, бидејќи анестезиологот добил затворска казна, но не и двајцата гинеколози кои се ослободени од вина за смртта на неговата сопруга и штотуку роденото дете.
Пронајдете не на следниве мрежи:


