„Нека му ја мислат оние што дивеат“: Се работи на законското решение за „Безбеден град“

Проектот за камери е еден од приоритетите на Министерството за внатрешни работи, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Јас ветив дека во текот на 2025 година ќе имаме имплементиран проект. Освен што ќе треба да ги инсталираме камерите, да ги поврземе со потребните кабли, да ги обезбедиме сите потребни дозволи, ќе треба да промениме и законска легислатива, да ги припремиме и судовите и УЈП во делот на спроведување на постапките, ќе треба еден поширок институционален пристап да има, тоа го работиме во моментов. Се изготвува ново предлог законско решение, рече Тошковски.

Тој нагласи дека овој проект е многу битен од повеќе агли, особено за намалување на смртни случаи при сообраќајки, а искуството во други држави ја покажало оправданоста од имплементирањето на овој систем за безбеден град и безбедна држава. Притоа додаде дека е еден од најклучните проекти на Министерството што мора да бидат имплементирани во иднина.

Министерот посочи дека секојдневно се работи на проектот, а во подготовката на легислативата се вклучени професори.

Тошковски додаде дека секој кој дивее по улиците ќе биде казнет, а секој кој го почитува законот мирно ќе спие.

Ќе бидат казнети оние кои дивеат по улиците, кои возат во алкохолизирана состојба и оние кои наместо 80, возат 200. Тие ќе бидат казнети, додаде Тошковски.

Тој додаде дека ако имал време да се посвети на овој проект во време на техничка влада, досега ќе беше имплементиран. Наследениот голем проблем со пасошите исто така му одзел време, а сега кога и тоа решено, проектот „Безбеден град“ е на врвот на приоритетите.

Во рамки на техничката Влада, доколку имаше простор и време да се посветев максимално на микроменаџирање, можеби ќе завршевме и порано од аспект на имплементација. Но, за жал, за време на техничка Влада бевме посветени на друга работа. Тоа се покажа како добар резултат, да речеме, од аспект на организација на изборите во делот на надлежност на МВР. Тогаш ни оставија и еден друг огромен проблем со пасошите, што моравме да го решаваме, истакна тој.

Министерот Тошковски, денеска беше во посета на Желино, по повод отворање нова канцеларија на управните служби на Министерството за внатрешни работи.

FacebookTwitterCopy LinkShare

Пронајдете не на следниве мрежи: