Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека во однос на реформата во пензискиот систем, се работи на стабилизација на пензискиот систем и нагласи дека нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите, а ќе се интервенира со цел да се стави под контрола буџетскиот дефицит во ПИОМ кој за 10 години се зголеми за 150% заради несоодветни политики. Таа најави решавање на проблемите со нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери, и нееднаквата распределба во двостолбниот пензиски систем.
-Правиме минимална корекција на стапките на придонес за пензиско и инвалидско осигурување и здравствено осигурување за вкупно 0,5 процентни поени. Втората мерка е дека воведуваме јасен критериум за влез во двостолбен систем, а тоа е денот и годината на раѓање, до 01.01.1967 година ќе може да се вратат и да добиваат пензија само од првиот столб, по нивна желба и со тоа даваме можност граѓаните да имаат поповолни пензии. Затоа што имаме излегување на ваков тип на пензионери и ќе видиме дека пензиите им се нереално ниски, сега им даваме можност да се вратат и да добиваат пензија од првиот столб. Исто така ќе може сите оние коишто користат бенефициран стаж сите да се вратат и да добијат пензија само од прв столб. Во моментов во таква поволна ситуација се вработените во МВР и во одбрана, а најранливите се во двостолбен систем и имаат нереално ниски пензии. Ние го правиме системот праведен за сите оние коишто имаат бенефициран стаж вклучително и рударите да се вратат во прв столб и да си ги добијат пензиите коишто им следуваат, висината на пензии да биде поповолна, истакна министерката Царовска.
Таа потенцираше дека мора да се води грижа за сегашните и идните пензионери и дека пензиите ќе се усогласуваат двапати годишно со трошоците на живот, а ќе има дополнително усогласување доколку растот на БДП во претходната година надминал 4%. Исто така се воведува и социјална пензија за граѓани кои немаат никакви приходи, имаат еден ден работен стаж и имаат наполнето 65 години. Социјалната пензија ќе изнесува 40% од просечната исплатена пензија.