Исландската метеоролошка служба (ИМО) наведува дека новата пукнатина од која избива лавата е долга повеќе од 2,5 километри и продолжува да се зголемува
На југозападниот дел на Исланд, повторно еруптираше вулкан, поради што властите го евакуираа малиот рибарски град Гриндавик, како и познатиот геотермален спа-центар „Сина лагуна“.
Ова е петта вулканска ерупција во регионот од декември. По бројните земјотреси во истата област и огромниот притисок изграден под земја, попладнето избувна ерупција во близина на Сунднук, место северно од Гриндавик, објави исландската телевизија РУВ.
Кристин Јонсдотир, геофизичар од Исландската метеоролошка служба, проценува дека пукнатината била долга повеќе од еден километар.
Ерупцијата се случи неколку часа откако властите наредија евакуација на селото Гриндавик и „Сината лагуна“.
Исландската метеоролошка служба (ИМО) наведува дека новата пукнатина од која избива лавата е долга повеќе од 2,5 километри и продолжува да се зголемува. На видеата објавени од локалните медиуми се гледа дека има огромни облаци од пепел кои го покриваат поголемиот дел од небото.
Повеќето од четири илјади жители на Гриндавик беа трајно евакуирани во ноември, пред ерупциите во декември, јануари, февруари и март. За време на јануарската ерупција, по улиците на Гриндавик течеше лава која проголта три куќи.
„Неколку жители оттогаш се вратија да живеат во соседните места кои се помалку загрозени, но сега се повторно евакуирани кога лавата почна да тече поблиску до Гриндавик“,
пишува Би-Би-Си.
Исланд има 33 активни вулкански системи, а само на полуостровот Рејкјанес има шест активни вулкански системи.
Гриндавик се наоѓа на полуостровот Рејкјанес, околу 55 километри југозападно од главниот град на Исланд, Рејкјавик.
За време на ерупцијата во јануари, лавата проголтала три куќи на северниот раб на селото Гриндавик, кое има 4.000 жители.
Ова е осма ерупција на полуостровот од 2021 година, кога геолошките системи кои беа неактивни околу 800 години повторно станаа активни. Научниците веруваат дека областа влегува во нова вулканска ера која би можела да трае со децении, па дури и со векови.