Новогодишни ѕвездички со цимет

Декоративни новогодишни колачиња кои ќе ве освојат со својот изглед и со миризбата.

Ѕвездичките со цимет, или таканаречени Zimtsterne, се традиционални германски колачиња кои се прават во неколку варијанти – со ореви, бадеми или лешници, со брашно или без брашно. Ние ви предлагаме еден класичен и брз рецепт за да ги подготвите овие вкусни ѕвездички со цимет, бадеми и лешници.

Потребни намирници – 2 белки, 150 грама шеќер во прав, 2 лажички цимет, 1 ванилин шеќер, 100 грама мелени лешници, 100 грама мелени бадеми, 50 грама брашно.

Подготовка: На белките додадете прстофат сол и изматете ги во цврст снег. Постепено додавајте од шеќерот во прав и ванилиниот шеќер, па продолжете да миксате додека го потрошите целиот шеќер. Две лажици од смесата од белки одвојте за декорација на ѕвездичките.

Во смесата од белки и шеќер полека додавајте ги мелените лешници и бадеми, циметот и брашното. Со лажица убаво измешајте, па со раце формирајте топка. Подготвеното тесто ставете го на работната површина која претходно сте ја попрскале со шеќер во прав. Тестото развлечете го на дебелина од 0,5 до 1 см, па со калапи исечете ѕвездички и наредете ги во тава за печење покриена со мрсна хартија. На секоја ѕвездичка ставете малку од смесата од белките која ја сочувавте настрана, и размачкајте ја во форма на ѕвезда. Помогнете си со прстите. Ѕвездичките печете ги 10-12 минути на температура од 140 степени.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.