Европол предупредува на нов и сè поопасен модел на организиран криминал кој забрзано се шири низ Европа. Криминалните мрежи сè почесто ги користат социјалните мрежи и шифрираните апликации за да регрутираат тинејџери и ранливи млади луѓе за извршување тешки кривични дела, вклучително и убиства, претставувајќи им ги задачите како да се дел од видеоигра.
Во фокусот на истрагата е шведската криминална мрежа „Фокстрот“, која, според проценките, од 2022 година е поврзана со околу 35 убиства, како и со повеќе напади врз израелски цели во Европа.
Според истрагата на Би-би-си, младите преку интернет добиваат понуди да извршат ликвидации за суми до 25.000 евра. Сепак, во најголем број случаи никогаш не ги добиваат ветените пари, бидејќи се уапсени веднаш по нападот или уште пред да го извршат.
Работната група GRIMM, формирана од Европол, утврдила дека регрутацијата се одвива преку социјални мрежи и шифрирани комуникациски платформи. На младите им се доделуваат кодни имиња, добиваат детални инструкции, мапи, видеоснимки со локации на оружје и пари, а сите наредби ги добиваат од далечина, по модел кој наликува на сценарио од видеоигра.
Во моментов, групата GRIMM ги координира истрагите во 11 европски држави – Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Исланд, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство.
Шведските власти сметаат дека лидерот на „Фокстрот“, Рава Маџид, се крие во Техеран и дека дел од нападите биле организирани во интерес на иранскиот режим, меѓу кои и напади врз израелски цели. Истражувачкиот новинар Дијамант Салиху наведува дека врските со Иран дополнително се зацврстиле откако Маџид во 2023 година се преселил таму.
Во последните 15 месеци, Европол и националните полициски служби спровеле повеќе од 280 апсења поврзани со оваа криминална мрежа, при што биле приведени и неколку клучни осомничени. Сепак, лидерот на организацијата сè уште е недостапен.
Европските безбедносни служби предупредуваат дека, и покрај ударите врз „Фокстрот“, истиот модел веќе го преземаат и други криминални групи, кои продолжуваат да регрутираат малолетници и ранливи млади лица за извршување сериозни кривични дела низ Европа.



