недела, 15 ноември 2026
Најново

Обвинителите против запирање на растот на платите – добиваат од 1500 до 2100 евра, но велат дека се најниски во регионот

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Пред да започне расправата во Собранието за законските измени со кои се спречува понатамошното зголемување на платите на функционерите, Здружението на јавни обвинители побара од пратениците точката да се повлече од дневниот ред и предлогот подетално да се разгледа. Тие посочуваат дека интервенцијата е спротивна на законот и претставува ризик за независноста на функцијата преку економски притисок.

Обвинителите нагласуваат дека се свесни за сложената економска состојба во земјата, но потсетуваат дека предложените измени се косат со Законот за плати на јавните обвинители.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

– Јавните обвинители вршат сложена и одговорна работа и го носат товарот на кривичното гонење, и тоа без соодветни материјални услови и без доволна професионална поддршка. Додатоците предвидени со закон за сложеноста на работата со години не се исплаќаат поради недостиг на средства во Буџетот-велат од Здружението на Јавни обвинители.

Од Здружението направиле и споредба на платите на обвинителите во земјава со оние во регионот, при што посочуваат дека во Македонија платите се движат од 1.500 до 2.100 евра и се најниски во споредба со соседството. Според нивните податоци, во Србија платите се од 1.600 до 4.000 евра, во Црна Гора од 1.600 до 4.700 евра, во Албанија од 1.600 до 3.000 евра, додека во Бугарија просечно изнесуваат околу 3.000 евра плус годишен бонус.

– Функцијата јавен обвинител е неспоива со вршење каква било друга функција или дејност. Поради тоа, платата е единствениот приход за обвинителите и се движи во интервал од минимум, помалку од 90.000 до максимум 130.000 денари. Со овие износи, платите на обвинителите се апсолутно најниски во регионот, а со другите европски земји воопшто не може да се споредуваат-велат од Здружението на Јавни обвинители.

Од Здружението потсетуваат и дека Уставниот суд веќе има отворено постапка за оценување на уставноста на претходните измени на овој закон, со кои беа намалени коефициентите и ограничен растот на платите. Предупредуваат на можни штетни правни последици доколку се усвојат нови измени пред да биде донесена конечната одлука на Уставниот суд, оценувајќи го актуелниот предлог како противуставно и незаконско решение.

Поврзани вести