Обезбедувањето на „Рубикон“ сведочеше за функционирањето на агенцијата за обезбедување на судењето за „Пулс“

  На денешното судење за случајот „Пулс“ сведочеше Трајче Димишковски, кој од 2023 до август 2025 година бил дел од агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Во своето сведочење Димишковски опиша како се одвивала комуникацијата меѓу вработените, кој бил одговорен за распоредот на луѓето, како и какви насоки давал професорот Александар Нацев при поголеми настани и предавања за законските обврски на обезбедувачите.

Димишковски посочи дека во април 2025 година, покрај редовните задачи за обезбедување, добил и административни овластувања.

Во однос на улогата на Александар Нацев, сведокот изјави дека тој понекогаш се појавувал за да помогне во координација на луѓето, особено при големи настани.
– Не знам како му бил регулиран статусот, понекогаш доаѓаше на помош за координација на луѓе, не знам точно во кое својство. Најчесто ни даваше насоки за поставување на луѓе – рече тој.
Прашан дали знае каде биле канцелариите на Рубикон, одговори дека имало но не знае каде.
Тој потврди дека Нацев држел и предавања за вработените, при што биле појаснувани законските правила за присуство на малолетници во објекти по 23 часот. Според сведокот, во случаи кога се забележувале малолетници или нелегални супстанци, обезбедувачите имале обврска да реагираат и да ги отстранат од објектите.
Димишковски истакна дека униформите за обезбедувањето ги добивал од колегата Јане Јанчевски, кој најчесто бил одговорен за распоредот на луѓето. Во отсуство на Јанчевски, насоки понекогаш давал и Нацев.
Сведокот потврди дека комуникацијата меѓу вработените се одвивала и преку Вибер групи, а Нацев бил дел од групата за средни училишта. По притворањето на Јанчевски, Димишковски, како што рече, имал контакт со Нацев.

Прашан дали од страна на Јане Јанчевски од него било побарано да постапите спротивно на задолженијата како припадник на обезбедувањето, односно спротивно на законот, одговори не.
– Не, никогаш не е побарано да направиме нешто што е спротивно – рече тој.
По критичниот настан од 16 март 2025, според него, немало промени во задолженијата .
Обвинителството  реагираше дека сведокот дава различен исказ од оној претходно даден во Обвинителството.
Претходно денеска сведочеше инспектор на ДЗС од поддрачно одделение во Виница, кој сведочеше дека по пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, увидната екипа на Дирекцијата за заштита и спасување утврдила сериозни пропусти – недостиг на противпожарни апарати, празен хидрант, и заклучена помошна врата.
Инспекторот сведочеше дека Општина Кочани повеќе од една деценија немала инспектор за заштита и спасување, а за надзор во друга општина е потребен писмен налог од раководството.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Судењето продолжува на 17 март со сослушување на сведоци на предлог на обвинителството.
За несреќата се обвинети над 30 физички и три правни лица. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Пронајдете не на следниве мрежи: