Ова е за сите мајки на светот!

Ова е за сите мајки кои поминале безброј будни ноќи држејќи го болното дете во своите раце, велејќи: „Во ред е, мама е тука.“ Ова е за сите мајки што оделе низ домот по цела ноќ, држејќи го своето бебе кое не престанувало да плаче. Ова е за сите мајки што се појавиле на работа со храна во косата, флеки од млеко на блузата и пелени во чантата.
Ова е за сите мајки што работеле цел ден за да подготват колачи за родендени или костими за училишни претстави. И за сите мајки кои немале време да го направат ова затоа што биле на работа, трудејќи се да заработат пари за сметките. Ова е за сите мајки кои родиле деца што никогаш повторно нема да ги видат и за сите оние кои ги зеле тие деца и им дале дом и љубов.
Ова е за сите мајки кои седеле на клупите, поддржувајќи ги своите деца во кошаркарските, фудбалските и ракометарските натпревари, по кои малите ги прашувале: „Ме гледаше?“ и тие одговарале: „Секако, не би го пропуштила тоа за ништо“. Ова е за сите мајки кои ги удриле своите деца по задникот затоа што тие врискале поради тоа што не добиле сладолед пред вечера, потоа мразејќи се себеси за губењето на контролата.


Ова е за сите мајки кои разговарале со децата и им објасниле како доаѓаат бебињата на овој свет. И за сите мајки кои посакувале да го направат тоа, но едноставно не можеле. Ова е за сите мајки кои читале приказни за добра ноќ по два пати, секоја вечер. И потоа уште една затоа што малото рекло: „Те молам прочитај ми уште една приказна.“
Ова е за сите мајки кои ги научиле своите деца да врзуваат врвки на патики пред да одат во училиште. И за сите мајки кои купиле патики на лепенка наместо со врвки. Ова е за сите мајки кои ги научиле своите синови да готват и да шијат, а своите ќерки да менуваат гума на автомобил и да бидат силни.
Ова е за сите мајки чија глава автоматски се вртела кога ќе чујат нежно гласче што вели „Мамо?“ во толпа луѓе, иако знаат дека нивните деца се веќе пораснати или дома. Ова е за сите мајки кои добиле повик од училиштето да го земат болното дете и тие оставиле сè во истиот момент и се стрчале накај училиштето.
Ова е за сите мајки чии деца одбрале погрешен пат, и кои не можеле да ги најдат вистинските зборови за да допрат до нив. За сите мајки кои си ја гризнале устата и не кажале ништо кога виделе дека нивната четиринаесетгодишна ќерка си ја офарбала косата зелена.
Ова е за сите мајки кои ги изгубиле своите деца во несреќа и за мајките кои биле виновни за несреќата. За сите мајки чии деца преживеале несреќа и оние кои седеле пред телевизорот, гледајќи некој ужасен настан, грижејќи се дали детето ќе им се врати дома.


За сите мајки кои со солзи ставале цвеќе и играчки на гробовите на своите деца. За оние чии деца починале од болести, несреќи и најтешката ситуација од сите, за децата кои извршиле самоубиство.
Што е тоа што ја прави една мајка добра? Трпение? Сочувство? Можноста да дои бебе, да готви и да шие копче на кошула во исто време? Дали е можеби срцето во прашање? Или болката која ја чувствува кога гледа како ќерката или синот за прв пат одат сами накај училиште.
Дали е тоа чувството на страв што го чувствува во 1 часот наутро кога го чекаат тинејџерот со нова возачка кој пак доцни еден час? Или кога ќе се разбудат во ниедно време, трчајќи накај бебешкото креветче за да проверат дали е сè во ред со малото? А можеби и чувството во стомакот кога ги гледаат синот или ќерката како спијат, ноќта пред да заминат во друг град да студираат.
Ова е за сите млади мајки што се мачат со менување пелени и недостаток на сон и за сите постари мајки кои научиле како да ги пуштат децата да си одат од дома. За сите вработени мајки и за сите домаќинки. За сите мајки во брак, но и за самохраните.
Мајки, ви благодариме за сè!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.