Португалскиот невронаучник Антонио Дамасио во нова книга тврди дека свеста се развива од примитивен дел од нашето тело.
Кон средината на септември, познатиот португалски невронаучник Антонио Дамасио ќе објави нова книга во која презентира револуционерна идеја за потеклото и развојот на човековата свест – тој тврди дека свеста се развива од примитивен дел од нашето тело, чувства кои се поврзани со регулирањето на животот.
Книгата се вика „Природна интелигенција и логиката на свеста“ („Natural Intelligence & the Logic of Consciousness“), а ќе биде објавена на 15 септември од издавачката куќа Пантеон. Во неа, Дамасио изнесува убедливи аргументи за тоа како се развива и функционира свеста и зошто луѓето и другите цицачи ја имаат, додека организмите што еволуирале порано ја немаат.
Вообичаените теории за развојот на свеста сугерираат дека таа се развива заедно со когницијата – односно дека е последица на развојот на интелектуалните способности поврзани со развојот на церебралниот кортекс. Дамасио, сепак, е убеден дека самосвеста се јавува веќе на субкортикално ниво, односно дека таа расте од таканаречените хомеостатски чувства, внатрешни биолошки сигнали што ја следат состојбата на телото – температура, глад, болка и чувството на благосостојба на телото.
Ваквите чувства се спонтано свесни и ни служат нам, како и на другите цицачи, како механизам за преживување – нè тераат да јадеме, да пиеме и да се обидуваме да се стоплиме кога ни е ладно.
Тој „сензорен ум“ е неопходен за свеста, тврди Дамасио, а перцептивните и рефлективните процеси работат заедно за да создадат побогата, поинтегрирана свест, комбинирајќи ги сензорните впечатоци и сликите од околината со содржината на нашата меморија
Дамасио ја поткрепува својата теорија со докази од невробиологијата и клиничките студии, наведувајќи ги последиците од специфични форми на оштетување на мозокот врз свеста, како што се кома и синдром на заклучување, и нуди фасцинантни увиди во тоа што еволуцијата на човековата свест открива за развојот на области како што се уметноста, филозофијата и политиката.
„Резултатот е амбициозен и интригантен, иако понекогаш и тежок, поглед на тоа што ги прави луѓето луѓе“, вели издавачот во описот на книгата.
Книгата „Природна интелигенција и логика на свеста“ ќе биде објавена на 15 септември од издавачката куќа „Пантеон“.
Во интервју за „Паблишерс Викли“, научникот открива дека решил да ја напише книгата во време кога новите научни откритија почнале да го потврдуваат она во што верувал веќе некое време.
„Поголемиот дел од моите истражувања се фокусираа на проучувањето на чувствата и сензациите, како и нивната улога во развојот на когницијата и разумот. Во оваа книга пишувам за тоа како примитивните чувства за состојбата на нашето тело се основа на нашата свест и основа на нашето чувство за себе. Чувствата се основа на нашиот ум“, објасни Дамасио.
За нешто да биде свесно, продолжува тој, мора да биде живо и да има нервен систем. До одредена точка, животот е во голема мера автоматизиран.
„Дрвјата се фасцинантни, но немаат нервен систем, па затоа не се свесни за сопственото постоење. Нервниот систем му дава на организмот можност да регистрира сигнали што му овозможуваат да се чувствува себеси – и да провери дали сè е во ред или да предупреди за проблем што треба да се реши“, рече Дамасио за „Паблишерс Викли“.
Како се поврзани интелигенцијата и свеста?
„Тоа е прашање на ефикасност. Интелигенцијата е ефикасноста со која ги поврзуваме чувствата, мислите и меморијата – со други зборови, колку успешно ги поврзуваме различните текови на нашите ментални процеси.“
Токму затоа што хомеостатските сензации се неопходни за развојот на свеста – а тие не постојат без телото – Дамасио верува дека вештачката интелигенција нема да може да развие свест.
Сепак, големите јазични модели се обучени на човечки јазик, на приказни создадени од луѓе кои се свесни, поради што јазикот на вештачката интелигенција го одразува и нашето искуство.
„Не можеме да ја исклучиме можноста за развој на нешто што ќе им даде на машините искуство на себеси. Без разлика каква форма ќе има, тоа нема да биде свеста што ја имаме ние луѓето“, додаде тој.
The post „Ова е она што ги прави луѓето луѓе“: Познат невронаучник најави книга во која презентира револуционерна теорија appeared first on Во Центар.



