Во хаосот и стравот што го обви Сиднеј по смртоносниот напад, од австралиската јавност излезе приказна што ја надмина трагедијата – приказна за лична храброст и човечка реакција во најкритичниот момент.
Австралиските медиуми го открија идентитетот на човекот кој успеал да се спротивстави и да разоружа еден од напаѓачите за време на масовното пукање.
Станува збор за Ахмед ал-Ахмед, 43-годишен татко на две деца и сопственик на продавница за овошје во населбата Садерленд.
Според медиумските извештаи, Ахмед е муслиман, а неговата постапка предизвика силни реакции во јавноста, особено поради фактот што нападот бил насочен кон еврејски настан по повод Ханука, фестивалот на светлината.
Неговиот чин беше оценет како исклучително храбар, во момент кога паниката и насилството доминирале на местото на настанот.
Братучедот на Ахмед, Мустафа, во изјава за 7News раскажа дека тој директно се соочил со напаѓачот и со својата интервенција веројатно спречил уште поголема трагедија и спасил бројни животи. За време на борбата, Ахмед бил погоден со два куршума.
Тој моментално се наоѓа на болничко лекување поради прострелните рани и чека оперативен зафат.
„Тој е во болница и не знаеме што точно се случува внатре“, изјави Мустафа, нагласувајќи дека семејството е длабоко вознемирено од неговата состојба.
Инцидентот што се случи на плажата Бонди официјално е класифициран како терористички напад.
Според потврдените информации од полицијата, во нападот животот го загубиле 12 лица, меѓу кои и еден од напаѓачите, а повредени се 29 лица. Меѓу ранетите има и неколку полицајци кои први пристигнале на местото на трагедијата.



