Од 1 декември поголеми плати во МВР

Министерството за внатрешни работи во периодот од јуни 2017 година досега постојано работи на подобрување на условите за работа на полициските службеници, нешто што не е правено цела деценија, па полициските службеници беа доведени во ситуација да работат во субстандардни услови и без потребната опрема и униформи.
Ова е наведено во денешното соопштение од МВР како одговор на барањето од Независниот синдикат на полицијата кој бара еднократно покачување на платите за 20 проценти од јануари 2019. година наместо зголемувањето на платите што го најави министерот за внатрешни работи кое, според Синдикатот, ќе изнесува од 400 до 700 денари.
– За сите активности соодветно ја информираме јавноста, а вие, медиумите, и вчера бевте сведоци на пуштањето во работа на реновираниот објект на Полициското одделение во Зајас, Кичевско. На почетокот на наредната недела повторно јавноста ќе биде сведок на нови активности за подобрување на условите за работа на полициските службеници. Покрај тоа, од 1 декември оваа година ќе бидат зголемени и платите на полициските службеници, стои во соопштението.
Од јуни 2017 досега, стои во соопштението, интензивно вложуваме во подобрувањето на условите за работа на полициските службеници и со истото темпо ќе продолжиме и во наредниот период.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.