Опожарена Евангелската црква во село Чифлик, Кочанско

Евангелска Црква во с. Чифлик, Кочанско е опожарена токму ноќта на Божиќ. И ова не е прв туку дури седми напад врз овој верски објект. Вандалите оставиле порака „Чиста Македонија“, објави на својот Фејсбук профил пастор Филип Иванов. Еве што порача пасторот во однос на овој немил настан:
-Ако некогаш се прашувате кој го распна Христос тогаш еве ви пластичен пример за тоа – религиозниот фанатизам измешан со радикален национализам. Феноменот е во тоа што овие луѓе, како тие што го распнаа Христос, мислат дека со ваков чин, на празник како Божиќ, си ја чуваат и потврдуваат верата и нацијата, и дека вака му принесуваат служба на Бога, кога всушност исповедаат дека воопшто не го познаваат Христос Кнезот на Мирот, ја уништуваат својата нација, и му принесуваат служба на злиот.
Нека Господ им се смилува и им даде покајание, и вистински да го спознаат Христос Кој дојде да донесе мир на земјата, и добра волја меѓу луѓето, па дури и меѓу оние од различни христијански конфесии.
Сторителите на овој вандалски чин сѐ уште се непознати за органите на МВР.
Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи најостро го осудува сквернавењето и обидот за палење на верскиот храм на Евангелската црква во Македонија во село Чефлик, општина Чешиново-Облешево. Изразувајќи најискрено жалење што за време на најголемиот христијански празник Божиќ, злонамерници предизвикувајќи материјална штета ги повредиле верските чувства и права на граѓаните припадници на оваа верска група, очекуваме институционално утврдување на фактичката состојба и кривично-правна одговорност за сторителите, се со цел спречување на ваквите немили настани и гарантирање на правата и слободите на човекот и граѓанинот, наведено е во известувањето.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.