Откриено како бил убиен рибарот -„БОМБИ“ ЗА „МОНСТРУМ“: Се слушаат гласовите на Јанакиески, Камчев, Нада Груевска –

Јавната обвинителка Фатиме Фетаи на денешното рочиште за случајот „Монструм“ на судијата Огнен Ставрев му даде документ, овластување кое го потпишал јавниот обвинител Љубомир Јовески со кој тој ја овластува Фетаи и обвинителот Гаврил Бубевски да бидат застапници на државата во случајот.
Фатиме Фетаи објасни дека за овој предмет поседуваат 25 снимени разговори од бомбите и 1.330 пораки, како и други материјали. Голем дел од снимките кои денеска се презентираат се направени ден или неколку дена после масакрот кај Смилковското Езеро. На ваквата информација реагираа дел од родителите на убиените деца кои рекоа дека досега тие снимки ги немаат слушнато.
Првиот пуштен разговор во судницата е снимен на 13 април 2012 година и во него се слуша гласот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.


Во него Јанакисеки разговара со извесен Кире Бошков, кој го прашува министерот дали има информација во врска со „убиството на децата“. На тоа Јанакиески вели дека рибарот од Црешево е убиен затоа што најверојатно бил сведок на убиството на момчињата.
Во голем дел од досега презентираните снимки се слушаат разговори помеѓу Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска со нивни соговорници. Во првата снимка Миле Јанакиевски во разговор со Коце Трајановски го информира дека не можеле да светат светлата кај обиколницата на Смилковско Езеро, бидејќи им биле украдени трафостаниците за струја. Во тој разговор Трајановски му се жали на Јанакиески дека има неколку блокади од граѓаните. Се правеле блокади и кај Драчево и вели дека не сакале да пропуштат Албанци, бидејќи не сакале да бидат во нивното место за живеење. Во разговор меѓу Јанакиески и Гордана Јанкуловска, таа се жали дека ваков настан до тој момент не се случил во земјава, дека ја обезбедиле колата со кои се возеле убијците, знаеле се за нејзе и дека требало време за да се откријат сторителите. Во еден момент од разговорот таа вели „вакво убиство се нема случено во историјата на Македонија“.
Во разговор меѓу Ленче Самарџиска, секретарка на поранешниот премиер Никола Груевски и Катерина Најденова, неговата гатачка, јавноста имаше можност да дознае дека таа предвиде дека зад убиството стоеле „лица со униформа“ и дека после 15 април ќе сме биле во шок од тоа што ќе се дознаело.


Во разговор меѓу Јордан Камчев и Оливера Трајковска, Јордан го спомнува поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков кој му кажал дека уапсиле 26 лица, сите од Скопје, дека имало дебели докази и дека за некои од вмешаните во убиството знаеле дека се во Косово, а на Американците им рекле „вие ќе ни ги дадете или ние да си ги земеме“.
Камчев и објаснува на Трајковска дека извршителите биле млади, вахабисти, дека имало меѓу нив жени и дека рибарот, најстариот убиен во случајот бил застрелан со калашников од 30 метри.
Процесот продолжува со презентирање на уште снимки кои досега не беа познати за јавност.
Со преслушување на снимени разговори, во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи новото рочиште за судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, познато како предмет „Монструм” на СЈО.
Во тек е преслушување на 25 разговори и 133.000 СМС пораки и други материјали. Првиот пуштен разговор во судницата е снимен на 13 април 2012 година.
– Не смееме да ги раздвоиме. Како што ни се дадени од (премиерот) Зоран Заев, така ги предадовме, за да не биде дека нешто пропуштаме, истакна Фетаи.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да бидат изведени околу 3.900 разговори, кои беа предложени како дополнителни докази од СЈО.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.